HomeДЕНЕШНАСветАсад предупредува на закана од трета светска војна поради Сирија

Асад предупредува на закана од трета светска војна поради Сирија

Сирискиот претседател Башар Ал Асад предупредува на заканата од глобален воен конфликт поради војната во Сирија и оценува дека состојбата во светот во моментов е идентична со периодот од идеолошката блоковска Студена војна од минатиот век во интервјуто за рускиот дневен весник Комсомольская правда во коешто ги изложува своите гледишта за решението на сирискиот судир и го појаснува значењето на северниот град Алепо, околу кој се конфронтираат Русија и САД кои учествуваат на различни страни во Сирија.

Според сирискиот претседател, во моментов во светот ситуацијата потсетува на ткн „Студена војна во фаза на развој“. „Тоа е нешто што се појави од неодамна, затоа што, според моето мислења, Западот и особено САД не ја завршија Студената војна ни дури по распаѓањето на Советскиот сојуз“, вели сирискиот челник. Асад истакнува дека глобалните процеси на конфронтација вклучуваат многу „политички сцени“, но смета дека Сирија е една од најважните.

„Главната цел (на новата ‘студена војна’) е да се сочува американската хегемонија над светот, да не се дозволи никому да биде партнер на политичката или меѓународната сцена, без разлика дали тоа е Русија, или, пак, некој од нивните сојузници од Западот. Оттаму е тој мирис на војната, којшто вие (новинарот кој го води интервјуто – з.р.) го опишавте како Трета светска војна, којшто се чувствува во воздухот, но тоа уште не е директен воен судир“, нагласува Асад.

Сирискиот претседател вели дека главниот проблем на неговата земја е што се вмешале други земји, кои ги поддржуваат терористите „секојдневно и во секој момент“.Официјален Дамаск со овој термин ги означува сите вооружени групации кои се борат за соборување на владата на Асад, вклучително и опозициските сили кои Западот ги смета за умерени.

Асад натаму вели дека Сирија има постојани и верни сојузници во Русија, Иран и либанското движење Хезболах, чии единици дејствуваат на сириското боиште на страната на владините војски.

„Тие тука (во Сирија) се присутни на легална основа. Тие војуваат против терористите, но има други земји кои се вмешуваат токму со цел да ги поддржат терористите. Проблемот не е во бројот на играчите, главниот проблем е тероризмот..“, појаснува Асад. Ја истакнува, исто така, потребата во решавањето на кризата во Сирија неопходно да се води дијалог со оние сили кои имаат реално влијание. Притоа, сириската опозиција често не може да влијае „на терористите на теренот“, додава.

Сирискиот претседател е убеден дека „идеолошките борци“ може да се победат единствено со нивното уништување. „Не постои друг начин. Тие не сакаат дијалог. Па и нема време за дијалог. Ние мораме да ги заштитиме нашите граѓани…“, изјавува Асад.

Во интервјуто Асад се осврнува и на ситуацијата на северниот град Алепо, поранешна сириска финансиска престолнина чиишто источни квартови се под контрола на бунтовнички групи, кои се опсадени од владините сили. Ситуацијата во Алепо, каде што меѓународната заедница предупредува на хуманитарна катастрофа е еден од најгорливите проблеми во моментов во сирискиот конфликт откако сириската армија од 22-ри септември започна операција со којашто има намера да ја преземе контролата врз целиот град кој има стратешко значење. Овие настани се и причината за меѓусебните обвинувања меѓу Москва и Вашингтон поради неуспехот на заедничкиот договор од 9-ти септември за решавање на сирискиот судир и постигнување примирје.

„Прво, тоа (ослободувањето на Алепо) претставува политичка победа на стратешко и на национално ниво. Од воен, стратешки аспект, ние не можеме да ја изолираме Џебхат ан-Нусра (сириското крило на Ал Каеда, кое пред извесен период го промени називот и објави дека наводно се одделило од терористичката организација – з.р.). Но тоа ќе претставува отскочна штица за придвижувања во другите градови и нивно ослободување од терористите. Во тоа се состои значењето на Алепо..“, истакнува Асад.

Исто така, ги истакнува и значењето на Идлиб, северна покраина и истоимен град, која е во значителен дел контролирана од Џебхат ан-Нусра.

„Идлиб се наоѓа на самата турска граница. Затоа треба да се отсече, да се започне со негово чистење (од бунтовниците). Мораме да го продолжиме чистењето на тој регион и да ги потиснеме терористите кон Турција, тие да се вратат од каде што дојдоа“, истакнува сирискиот политичар

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com