Thursday, Apr 25, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈААрхеологија и ИсторијаАрхеолози го пронајдоа гробот на "Заспаната убавица" во Етиопија

Археолози го пронајдоа гробот на "Заспаната убавица" во Етиопија

Во текот на шестнеделни ископувања во северниот дел на Етиопија, група англиски археолози откриле 11 гробови во кои се содржани „необични“ предмети. Но „станарката“ на еден од гробовите сама по себе е особено интересна. Луиз Скофилд, која го предводела тимот, ја нарекла „Заспаната убавица“.

Според Гардијан, позицијата на жената и артефактите најдени околу неа, меѓу кои имало и црн молив за очи – „сугерираат дека таа била многу убава и мошне сакана“.

Жената носела ѓердан од илјадници мали монистра и ремен со монистра. Квалитетот на накитот укажува дека била личност со многу висок статус, која можела да си ги купува најлуксузните стоки. Покрај неа имало и шишенце за парфем, како и садови од римско стакло – две совршено сочувани пехари за пиење и шишенце чија намена била да ги собира солзите на мртвите.
arheolozi
„Таа беше свиткана на една страна, со брадата положена на раката, на која имаше прекрасен бронзен прстен. Таа била погребена гледајќи во едно прекрасно римско бронзено огледало.“

Кралството Аксум, чиј главен град го носел истото име, постоело од 100 дo 940 година во нашата ера и во еден момент опфаќало поголем дел од она што сега е Еритреја, северна Етиопија, западен Јемен, јужна Саудиска Арабија и Судан.

Римското огледало, заедно со другите римски артефакти пронајдени во гробот, кој се наоѓа на три часа возење јужно од античкиот град Аксум, близу градот Хавзиен – е мошне значајно: Скофилд објаснува дека голем дел од она што претходно се знаело за кралството Аксум датира од четвртиот и петтиот век, „кога тие го прифатиле христијанството … мошне интензивно тргувале со Рим“.

Но откритијата на нејзиниот тим се од првиот и вториот век, што укажува на тоа дека кралството можеби многу порано имало трговски врски со Рим. Скофилд со години ја истражува Етиопија, а во 2012 година таа објави откритие за кое верува дека е поврзано со библиската кралица на Саба.