Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАнтикорупциска: Зврлевски не смее да биде кога се распишани избори

Антикорупциска: Зврлевски не смее да биде кога се распишани избори

Претседателот на Антикорупциската комисија, Игор Тантуровски за Алфа изјави дека не е законски престанокот на работниот однос на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Антикорупционерите едногласно заклучиле дека Зврлевски не треба да се менува во време кога се распишани избори, оти тоа е кршење на Изборниот законик.

„Го предадовме мислењето на Комисијата во Собрание вчера, по завршувањето на седницата на комисијата, и тоа е едногласно. Идентично е како што Комисијата и до сега се изјаснувала во слични ситуации. Не можеме да се согласиме со смена на Зврлевски кога членот 8 од ИЗ е јасен, и нема никакви други измени на истиот“, вели Тантуровски за Алфа.

Антикорупциската комисија се изјасни една недела откако ВМРО-ДПМНЕ побара од нив да дадат толкување за примена на членот 8, според кој во време на распишани избори се забрануваат постапки за вработување на нови лица или престанок на работен однос на државни функционери.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, сепак, на неколку пати нагласи дека мислењето на Комисијата не е релевантно за расправата на Собранието.

„Јас немам намера како претседател на Собранието да се обраќам на каков било друг орган кој ќе кажува како јас треба да работам, кога тоа јасно го кажува Деловникот и Уставот. Антикорупциска е дел од извршната власт и таа неможе да дава препораки на законодавната власт. Ако имате дилема, може да побарате автентично толкување на законот“, истакна Џафери за време на седниците.