Tuesday, Apr 25, 2017
HomeДЕНЕШНАРепубликаАнкета: Колку граѓаните и веруваат на полицијата?

Анкета: Колку граѓаните и веруваат на полицијата?

Makedonska-policija

Полицијата е институција во Македонија која ужива најголема доверба, покажуваат податоците на „Аналитика тинк тенк“ од јавното истражување на тема „Ставот на граѓаните околу работата на полицијата”.

Речиси 60 проценти од испитаниците имаат целосна доверба во таа институција, а една четвртина воопшто немаат доверба во полицијата. Генерално, жените имаат поголема доверба во полицијата од мажите при што младите на возраст од 18 до 29 години од машки пол се демографската група која има најмала доверба во оваа институција, се истакнува во истражувањето.

Андреја Богдановски од „Аналитика“ информира дека ова истражување е спроведено во шест земји од Запаен Балкан – во Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.

– Прашалникот опфати шест групи на прашања. Тоа е нивото на доверба во институциите, перцепцијата за полицијата како институција, и за полициските службеници од двата пола, перцепција за корупција во општеството и во полицијата, мислењето на граѓаните во односот на борба против корупцијата и за работата на граѓанските организации, истакна Богдановски.

Појасни дека истражувањето е спроведено преку телефонска анкета во април 2016 година на репрезентативен примерок од 1.000 возрасни лица.

Според податоците во истражувањето во однос на образованието, најголема доверба имаат оние испитаници со основно образование додека најмала со виша школа и факултет. Според занимањето, невработените воопшто немаат доберба, а потполна доверба во полицијата имаат пензионерите. Перцепцијата за полицијата според етничка припадност покажува дека Албанците имаа најмалку доверба додека со најголема доверба се изјасниле Србите во Македонија.

Освен полицијата, единствено образованието и здравството имаат позитивни оцени за нивото на доверба од повеќе од половина од испитаниците, додека институции во кои се има најмала доверба се судството, Државната комисија за спречување на корупција, Обвинителството и Собранието. Покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека во сите институции освен во невладините организации има корупција. Се смета дека институции во кои корупцијата е најраспространета се судството, по што следи обвинителството, пазарната инспекција и царината.