Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаАнкета: Над 80 отсто од младите сакаат да се иселат од Македонија

Анкета: Над 80 отсто од младите сакаат да се иселат од Македонија

НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, во периодот ноември 2015 – јануари 2016 година, спроведе анкета меѓу младите луѓе во сите осум плански региони во Република Македонија (Скопски, Вардарски, Источен, Североисточен, Пелагониски, Полошки, Југозападен и Југоисточен).
Оваа анкета има за цел да ги истражи мислењата и ставовите на младите луѓе за две теми: планирање на семејството и миграциите. Со анкетата се опфатени вкупно 503 испитаници на возраст од 20 до 35 години, во сите плански региони.

Младите луѓе воопшто не се задоволни од условите што им ги нудат општините во кои живеат. Дури 63,4 отсто од вкупниот број испитаници не се задоволни од вработувањето, здравството, образованието, инфраструктурата, животната средина и др. Најнезадоволни се младите од Пелагонискиот регион – 51,7 отсто и оние од Североисточниот регион – 40,4 отсто.

Сликата за незадоволството на младите луѓе станува уште подраматична со прашањето за тоа какви се условите за вработување во општината во која живеат. Дури 83,3 отсто од испитаниците оценуваат дека условите за вработување се лоши. Младите од Североисточниот регион се најнезадоволни 94,8 отсто, а потоа следат оние од Пелагонискиот (91,8 отсто) и од Вардарскиот регион (91,2 отсто). Исто така, голем е бројот на младите луѓе кои сметаат дека работните услови за вработените во нивните општини се лоши – дури 77 отсто.

Најнезадоволни се младите од Североисточниот (89,7%), од Вардарскиот (88,5%) и од Пелагонискиот регион (81,4%).
На прашањето дали би се иселиле надвор од Македонија, исклучително високи 83,7% од испитаниците се изјасниле позитивно. Две третини од нив – 52,4% би се иселиле во некоја од заподноевропските држави, речиси 12% во САД и Канада, а во некоја од скандинавските држави би се иселиле 10,3% од испитаниците. Погледнато според региони, 70% од испитаниците во Североисточниот регион кои би се иселиле надвор од државата, би сакале да заминат во западна Европа. Мапата на најпосакуваните земја за иселување е најшаренолика кај младите од Пелагонискиот регион – за 17,7% „ветената земја“ се САД и Канада, потоа следуваат Скандинавија (15,5%) и Австралија и Нов Зеланд (12,7%).

Работата (невработеноста, потрагата по подобро вработување) – 34%, општествената ситуација (главно партиските вработувања, а потоа и вкупната политичката ситуација) – 33,5% и економската стабилност односно финансиите – 17% се главните причини заради кои младите би ја напуштиле државата. Заради работата, најмногу би се иселиле младите од Полошкиот (48,8%) и од Југоисточниот регион (48,1%). За младите од Пелагонискиот (51,4%) и од Источниот регион (50%), најсериозна причина заради која би се иселиле е општествената ситуација односно партиските вработувања и целокупната политичка состојба во која се наоѓа државата. Економската стабилност (парите, повисоките примања и др.) е клучна причина за иселување за 35,3% од младите во Вардарскиот и за 33,3% од младите испитаници во Скопскиот регион.

Најголемиот дел од младите луѓе (76,9%) иако се на возраст кога може и треба да се осамостојат, сè уште живеат во заедница со своите родители (дури и оние кои веќе имаат основано сопствени семејства – 15,5%).

Четиричленото семејство со две деца е најпосакуваната опција за повеќе од половината испитаници (52%), а за нешто повеќе од една четвртина од испитаниците (26,5%), идеалното семејство го сочинуваат три деца. Едно дете би сакале да имаат 10,1% од младите испитаници. Иако посакуваат да имаат две, a некои и три деца, сепак, поголемиот дел од испитаниците кои основале свое семејство, или немаат деца или имаат само едно дете – 67,8% немаат основано семејство, а од оние 29,3% кои веќе основале семејство, 15.8% имаат едно дете, а 11,4% имаат две деца.

Во однос на регионалната распределба, најголемиот дел од испитаниците кои сакаат да имаат две деца се од Вардарскиот регион, а оние кои сакаат да имаат три деца најбројни се во Југоисточниот регион. Дури 60% од испитаниците од Вардарскиот регион рекле дека сакаат да имаат две деца, а високи 41% од испитаниците во Југоисточниот регион истакнале дека сакаат да имаат три деца.

За најголемиот дел од младите луѓе клучни предуслови за основање семејство, како и причини зашто сè уште не основале семејство се вработувањето, финансиите и партнерот односно возраста. Високи 41,1% од вкупниот број испитаници сметаат дека вработувањето е клучен предуслов за основање семејство, за 24,8% тоа е финансиската стабилност, а за 22% тоа е изборот на партнер. За 66,7% од испитаниците од Југоисточниот регион клучен предуслов е работата, додека за 61,4% од испитаниците од Вардарскиот регион, клучен предуслов за основање семејство се финансиите.

НВО Инфоцентарот и партнерските организации оваа анкета ја реализираа во рамките на проектот „Демографијата – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество Македонија.

Интегралниот текст на истражувањето заедно со инфографиците, може да го најдете на интернет страницата на НВО Инфоцентарот: www.nvoinfocentar.mk .