Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАнѓушев и Ликсиан најдоа компромис за проблемот со патиштата

Анѓушев и Ликсиан најдоа компромис за проблемот со патиштата

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев имал средба со амбасадорката на Кина во земјава, Јин Ликсиан, на која било разговарано и за изградбата на двете делници на автопатиштата кои ги изведува кинеската компанија „Синохидро“ и се финансирани од заемот од кинеската „Ексим банка“.

Анѓушев на средбата рекол дека со измените на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид се „надминаа проблемите и е изнајдено компромисно решение кое ќе овозможи продолжување и комплетирање на започнатите работи“.

„Делниците се важни за компаниите во источниот и западниот дел на Македонија заради поквалитетен, побрз и побезбеден транспорт на луѓе и стоки. Компаниите ќе бидат поконкурентни, со што ќе се придонесе до локален и регионален економски развој, но и раст на економијата на државата“, рекол вицепремиерот, стои во соопштението за средбата.

Во врска со економската размена меѓу двете земји, Анѓушев истакнал дека земјава ќе продолжи со наоѓање решенија, производите и услугите на македонските компани да се пласираат на кинескиот пазар, кој е со неограничен потенцијал за соработка.