Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАневски контра владата: Зврлевски досега беше перфектен

Аневски контра владата: Зврлевски досега беше перфектен

Советот на јавни обвинители сè уште не го добил предлогот на новата Влада за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, изјави денеска Петар Аневски, претседател на Советот, кој треба да даде мислење по барањето за разрешување.

Аневски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека секако ќе одговорат во првите 15 дена од рокот во кој треба да го дадат мислењето.

Тој не сакаше да прејудицира какво ќе биде мислењето, позитивно или негативно, и рече дека ќе чекаат прво да го добијат предлогот и да видат какво е образложението на Владата поради кое бара разрешување на Зврлевски.

Прашан какво е неговото мислење за работата на Зврлевски, Аневски рече дека според неговото мислење „државниот обвинител беше перфектен досега“, односно дека нема никакви забелешки за неговата работа.

Како што рече, на денешната седница на дневен ред бил и извештајот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, односно истекувањето на мандатот на дел од обвинителите, кои биле прераспределени во ОЈО за организиран криминал од други обвинителства. На седницата било одлучено следната недела да се распише оглас за избор на петнаесетина обвинители во повеќе јавни обвинителства.

Инаку, Зврлевски, кој е член на Советот по службена должност, денеска вешто ги одбегна новинарските екипи. Зградата каде што се наоѓа Советот на јавни обвинители ја напушти од споредни влезови, криејќи се од камерите и од новинарите.