Monday, Aug 21, 2017
HomeДЕНЕШНАЕкономијаАндонов: КХВ мора да ја истражи историјата на „Балкан Петролеум“ пред да одлучи

Андонов: КХВ мора да ја истражи историјата на „Балкан Петролеум“ пред да одлучи

prof marko andonov

По информациите дека „Балкан петролеум“ обезбедила 47,5 милиони евра банкарска гаранција за да го купи „Макпетрол“, но и затоа што рокот на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) во кој треба да се изјасни околу понудата, истекува за четири дена, се интензивираат реакциите за случајот. Во пресрет на одлуката на КХВ, која е клучна за понатамошната судбина на македонската нафтена компанија, а при тоа ако се следат законските критериуми и услови кои една компанија мора да ги исполни за да може да се појави како понудувач, а потоа и купувач, тогаш оваа сомнителна офшор фирма е на добар пат. Но, дали Комисијата ќе ги следи само нормативните услови набројани во законот, или ќе се позанимава и со историјатот на фирмата која сака да го преземе „Макпетрол“, особено со основачот.

Универзитетскиот професор Марко Андонов смета дека законот пропишува формално правни критериуми врз основа на кои КХВ одлучува, но дека Комисијата како регулатор мора да ги следи и другите информации, особено медиумските кои ја доведуваат во прашање сериозноста и репутацијата на новоформираната компанија.

-Јас да сум регулатор ќе барам од основачот на компанијата да ми ги даде на увид сите нејзини извештаи. Ова треба да го направи КХВ пред да донесе каков било заклучок во врска со понудата на купувачот. Ова е многу важно, освен проверка на фирмата понудувач, да се проанализира историјатот на основачот и така КХВ да стигне до релевантни податоци, до оние податоци кои медиумите започнаа да ги објавуваат. Регулаторот ако сака може да открие и многу повеќе од тоа, изјавува професорот Андонов. Тој своите анализи ги прави и врз основа на искуството затоа што работеше во Секторот за супервизија во КХВ.

Ваквиот предлог на Андонов произлегува од важноста на прашањето, оти од една страна „Макпетрол“ не која било компанија, туку сериозна нафтена фирма со голем удел во македонската економија, од друга пак, понудувачот „Балкан петролеум“ е комплетно сомнителна оти луѓето кои стојат зад неа се со криминално и коруптивно досие.

-Сопственичката структура е секако важен сегмент кој мора да се следи пред да се донесе каков било заклучок. Да не заборавиме дека на увид мора да се имаат финансиските извештаи, репутацискиот ризик, како и рејтингот на компанијата. Ако офшор формиран пред еден месец со јасна намера и конкретна цел се појавува како понудувач, тогаш мора да се проверуваат и други работи, освен дали се исполнети условите од законот. Видете, „Макпетрол“ е специфична компанија, со специфичен бизнис, станува збор за горива, плин и гас, затоа новото на внимателност мора да е повисоко, коментира Андонов.

Тој ги предупредува членовите на КХВ дека мора да гледаат малку над законот затоа што овој обид за преземање на „Макпетрол“ не може да се затвори само со исполнување на неколкуте формални критериуми. Односно мора да се открие целта на „Балкан петролеум“- зошто сака да го купи „Макпетрол“ и какви планови има со фирмата и вработените, осбено ако се знае нивното минато со пропаднати рафинерии и сомнително финансиско минато. КХВ се уште не се изјаснува за случајот и најверојатно чека да измине рокот во кој тие ќе одлучат дали „Балкан Петролеум“ од понудувач може да започне постапка на купувач. Комисијата пред себе ја има важната одлука од која зависи и понатамошната стабилност на македонската економија и пазарот со горива.