Friday, Mar 29, 2024
HomeИздвојувамеАНА JОВКОВСКА: Вистината плови помеѓу запирките и воздишките во разговорите

АНА JОВКОВСКА: Вистината плови помеѓу запирките и воздишките во разговорите

Избирам необичен начин за да го започнам ова интервју кое со задоволство ќе го потпишам на крај.  Ќе ви се претставам, а моето претставување има една цел. Јас сум Ирена Мрческа, дипломиран новинар и сакам да ви  кажам дека имам свој новинарски идол.

Остроумна е,а истовремено емотивна. Доволно моќна мисловно да ги ,,соголи” најголемите интелекти од сите свери со прашања кои сами по себе создаваат уметност. Од нејзината маестрална речитост ви забрзува пулост. Таа е Ана Јовковска, телевизиски лик кој даде нова димензија на жанрот интервју. Нејзината уметност има име. Се вика ,,Пулсот и времето”. Книга која е збир на нејзините  брилијантни дијалози со  афирмирани писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати , соговорници кои се предизвик за секој новинар.


ПУЛСОТ И ВРЕМЕТО

 

П: ,,Пулсот и времето” е, како што велите , културен документ на едно време, и огледало на секој од нас. Вие имавте можност да ги видите сите лица на луѓето кои  ги интервјуиравте. Имате многу јасна слика за тоа кои сме, ние луѓето и како живееме. Раскажете ми, како пулсира ова општество и како времето го менува ритамот на тој пулс?

Ана: Општеството има многу лица, а јас се обидов да ги видам сите човечки лица на луѓето, убави и груби, тажни и радосни, вистинити и лажни, и да влезам во сите кругови на пеколот на Данте. Кога разговараш на начин на кој го бараш човечкото во секој, тогаш не си само под новинарскиот превез и етиката на професијата, туку имаш одговорност да ги разбереш работите многу пошироко и подлабоко и да не си суров кон слабостите, фрустрациите и гревовите. Но, тоа што разбираш, не значи и дека оправдуваш. Има многу работи и состојби кои не можам да ги оправдам во ова наше општество, како што се насилството, состојбата на медиумите, узурпацијата на слободната мисла,  загадувањето, сечењето на дрвата, кичот, сиромаштијата.

ana 2

П: ,,Најубавиот дел од процесот е да учиш како на луѓето да им читаш од очите, наместо од зборовите, и да им погледнеш длабоко зад зениците’’ велите во предговорот на книгата ,,Пулсот и времето”. Што има во нашите ‘’македонски општествени очи,,. Има ли правда, има ли уметност болка и слобода? Ви дадоа ли соговорниците надеж дека,, ќе не биде’’?

Ана: Ова „ќе не биде ли“ го слушам одамна. Се уморивме од проекции за тоа дали ќе не биде и изгубивме сила или ја расфрламе силата која треба да ја насочуваме кон тоа конечно да не биде. Дали ќе не биде зависи од сите нас, а не само од политичарите. Тоа е еден од чекорите на орото на слободата. Според мене многу е важно оснажнувањето на граѓанското општество и слободната мисла. Кога велам граѓанско општетсво не мислам само на невладиниот сектор или на медиумите кои треба да се четврта власт, туку на секој поединец, на секое мислечко суштество, на секој граѓанин со интегритет.

П: Имате направено повеќе од 1000 интервјуа. Сигурна сум дека  освен во книгата,секое од нив суптилно го носите во себе како искуство, како богатство. Открива ли книгата кој е соговорникот кој посебно Ве допрел, влијаел на Вашите субјективни ставови. Успеа ли некој да ве изманипулира?

ANA 5

Ана: Мислам дека не сум дозволила некој да ме изманипулира, бидејќи сум ги препознала обидите за лажна слика. Кога луѓето лажат, не ве лажат вас или публиката, туку се лажат самите себе. За среќа имам добра интуиција. Би можела да спомнам само еден мал, мал микро дел од соговорниците кои ме направиле духовно побогата: Иван Џепароски, Елизабета Шелева, Гоце Смилевски, Жулиет Бинош, Мирјана Карановиќ, Катрин Денев, Јасна Котеска, Милчо Манчевски, Гордана Силјановска, Искра Гешоска, Мики Манојловиќ, Владимир Мартиновски, Отец Климент, Александар Прокопиев, Венко Андоновски, Никола Ристановски, Горги Јолевски, Артан Садику, Ферид Мухиќ, Билјана Ванковска, Синоличка Трпкова, Виторио Стораро, Дерил Хана, Александар Поповски, Симоне Филипини, Дејан Дуковски, Срџан Јанакиевиќ…уф има уште толку многу…

П: Вие сте најхрабриот трагач по вистината. Ја открива ли ова дело најдлабоката вистина или и понатаму, во секое прашање и одговор плови нејзината релативност?

Ана: Не знам дали сум најхрабриот трагач по вистината, но сум неуморен трагач по вистината, дури и кога таа е болна. Веројатно имам некоја мазохистичка црта. А вистината секогаш плови меѓу она што е недокажано, меѓу запирките и воздишките во разговорите. Таа некогаш е во она што е одмолчено, повеќе отколку во брзоплетите зборови. Понекогаш неколку секунди во погледот со соговорникот, еден кон друг, кажуваат повеќе отолку целото врескање за работите.

ana 4

П: ,,Пулост и времето” е сплет на прашања и одговори,Вие прашувавте. Драго ми е што денес одговарате. Кажете ми сосема искрено, која е Ана во својата најдлабока чувствителна  и интелектуална точка?  Што кријат Вашите зеници кога се гасат рефлекторите?

Ана: Понекогаш кријат онтолошка тага. Очите пред камерата секогаш се смеат, ама кога ќе се спуштат рефлекторите остануваш во сопствената темнина. Тука е борбата. Осамата да трае кратко и неправдата на се околу да ја компензираш со љубовта на блиските. Јас често разговарам самата со себе, а и со луѓето околу мене. Плачењето ми е исто така добар метод за прочистување. Значи зениците кои кријат длабочина, секогаш светкаат со солзи, радосници или прочистителни.

П: Кој е Вашиот следен предизвик?

Ана: Заокружување на еден мој долг поетско-прозен циклус и документаристиката!

Ова интервју ќе го оставам отворено, без официјален крај. Најверојатно затоа што се фатив себе си останата без зборови. Сфатив дека нема воведи и краеви има само зборови, запирки и воздишки.

Подготви: Ирена Мрческа