HomeДЕНЕШНАСветАмерикански војници запрени на пат кон Украина со оружје без дозвола

Американски војници запрени на пат кон Украина со оружје без дозвола

На виенскиот аеродром Швехат, австриската полиција уапсила група американски војници кои патувале во Украина со формациско вооружување. Како што пренесува весникот Kurier, војниците немале одобрение за патување со автоматите М-16 и пиштолите, коишто биле пронајдени за време на рутинската контрола на багажот на аеродромот.

Според сознанијата на весникот, инцидентот се случил пред неколку дена, кога девет американски војници патувале од Вашингтон на мисија во Украина. „Бидејќи за време на префрлувањето во Виена се појавил проблем со поврзувањето на летовите, тие морале да ја напуштат транзитната зона“, стои во објаснувањето на портпаролот на австриското министерство за одбрана, Михаел Бауер.

„Загриженоста на безбедносните органи било голема, бидејќи оружјето било транспортирано нелегално. Затоа, тие веднаш биле приведени и испитувани. Дополнително, биле информирани американската амбасада и Федералната служба за заштита на уставниот поредок и борбата против тероризмот на Австрија“, пишува весникот.

Како што дознава Кurier, Американците едноставно заборавиле да ги извадат неопходните одобренија. „Во одделни случаи, министерствата за одбрана и за надворешни работи имаат право да го одобрат транзитот на вооружени странски војници кои учествуваат во мировни операции, вежби и слично. Меѓутоа, немало никакво известување од американска страна“, појаснил портпаролот Бауер.

Весникот, исто така, пишува дека барањето на американската амбасада предадено „по итна постапка“, било одбиено поради правни основи, по што војниците морале да се качат на првиот авион за Вашингтон, а им било дозволено оружјето да го земат со нив.

извор:Макфакс

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com