Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаАмериканската Westinghouse Electric банкротира

Американската Westinghouse Electric банкротира

Американската компанија “Вестингхаус електрик” (Westinghouse Electric) има намера да поднесе документи за банкрот, објави Ројтерс, повикувајќи се на информирани извори од Тошиба (Toshiba), која го поседува поголемиот дел од американската компанија.

Денес компанијата има намера да поднесе барање за судска заштита од доверители за да се примени член 11 од Кодексот на САД за банкрот, бидејќи претрпела големи загуби, кои ја туркаат Тошиба кон криза, појаснија изворите.

Според Тошиба поднесувањето на документите за стечај ќе ја ограничи штетата од загубите на компанијата минатата година. Во САД има два начина за стечај: член 7 и член 11.

Според член 7 сите активности на компанијата се прекинуваат и ќе се продадат сите средства со цел да им се плати на доверителите.

Според член 11 сопственикот го задржува бизнисот, но тој е под постојан судски надзор, исто така ги почитува одлуките од судот правилата и прописи.

Должникот може исто така да го пренамении бизнисот преку собирање на средства од различни извори, вклучувајќи нови заеми и кредити.

До 31 март сите кредитори треба да бидат информирани во согласност со законот на САД за банкротот. “Франс прес” информира дека компанијата изгубила повеќе од половина од пазарната вредност од декември 2016 година, кога забележа милијарди долари загуби, а во исто време претставници на компанијата се под истрага за измами.

Американската компанија е основана во 1899 година, а до 2014 година се смета дека ги изградила околу 50% од нуклеарните централи во светот. Во 2015 година компанијата склучува исклучително неуспешна трансакција за купување на средства на Stone & Webster.

Загубите на “Вестингхаус електрик” можат да нараснат до 9 милијарди долари. Компанијата во моментов е ангажирана со изградба на две централи во Џорџија и Јужна Каролина. Спомнуваме, компанијата беше поврзувана со проширувањето на нуклеарната централа “Козлодуј” во Бугарија.