Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАлтхаузер: Парламентот да се организира самиот и да избере претседател

Алтхаузер: Парламентот да се организира самиот и да избере претседател

Германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер денеска порача дека е потребно итно решавање на политичката криза во Македонија. Кризата има негативни ефекти врз сите сфери, вели таа.

„Инструментите за решавање на политичката криза се на маса и потребна е политичка волја за тоа да биде спроведено“, порача денеска од Скопје, германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.

Според амбасадорката, како што пренесува „Дојче веле“, што поскоро мора да се избере нов претседател на Собранието, а потоа и нова влада, затоа што решението на кризата е веќе задоцнето.

„Парламентот да биде кооперативен, да се организира самиот, да избере претседател и потоа да се избере и влада која ќе може да делува. Тоа е редоследот. Не само за доброто на политиката, туку и за доброто на сите: на економијата, општеството, за доброто на сите граѓани поединечно. Тоа мора што поскоро да се случи“, изјави Алтхаузер на денешната прес-конференција во Македонско-германската стопанска комора.

Амбасадорката потсети дека минаа речиси точно четири месеци од одржувањето на предвремените парламентарни избори и дека поради блокадата на демократските процеси, страдаат и економијата и граѓаните.

„Сите анализи на економските експерти покажувааат дека кризата се одразува негативно врз македонското стопанство: пад на Брутодомашниот производ, растечки долгови, сѐ поголем фискален притисок, намалени инвестиции и несигурност и неизвесност во приватниот сектор“. Алтхаузер рече дека Германија останува најзначајниот трговски партнер на Македонија со удел од 47 проценти во трговијата, но и главен пазар за македонската стока. Македонија остварува суфицит во трговијата со Германија и тоа е редок пример, а преку 200 фирми со германски капитал вработуваат 15 илјади работници во Македонија.