Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАлексовски: Кривичната пријава е чиста политичка хајка против мене

Алексовски: Кривичната пријава е чиста политичка хајка против мене

Актуелниот градоначалник на Крива Паланка и кандидат за градоначалник од коалицијата за локалните избори 2017 предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Арсенчо Алексовски, изјави дека кривичната пријава што е поднесена против него е политичка хајка и валкана игра за да се оцрни неговото име, пренесува „Точка“, повикувајќи се на „Макфакс“.

– Станува збор за неколку дечиња Роми и неколку дечиња Македонци од социјално ранливи групи кои го користеле училишниот превоз, а биле оддалечени неколку метри помалку од пропишаните два километра за користење бесплатен превоз. Единствениот грев, мој и на претседателот на Советот и директорот на „Јоаким Крчовски“, е тоа што сме овозможиле овие сиромашни дечиња да користат бесплатен превоз за да учат. Ова е чиста политичка хајка и валкана игра на СДСМ пред изборите да го оцрнат моето име како кандидат за градоначалник – изјави Алексовски на прес-конференција по повод поднесената кривична пријава против него од страна на МВР за злоупотреба на службената должност, односно непочитување на договорот склучен со АД „Пролетер“ за превоз на ученици во општината.

Тој потенцира дека не е негова обврска да ја проверува оддалеченоста на домот на секој ученик до образовните институции, а секој родител потпишува изјава под морална и материјална одгооврност за користење превоз без надомест во согласност со оддалеченоста на живеалиштето.

Додаде дека не биле точни ниту наводите оти општината нема договор со сообраќаен инспектор и посочи дека има склучен договор со сообраќаен инспектор од Министерство за транспорт и врски за користење општински работи.

Тој рече дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и премиерот Зоран Заев треба да се осврнат, како што истакна, на криминали направени од страна на неговиот претходник во врска со проект за изградба на канализација во населбата Бојанов Дол.