Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионАлександар Вучиќ украл 319.000 гласови, опозицијата бара пребројување на ливчињата

Александар Вучиќ украл 319.000 гласови, опозицијата бара пребројување на ливчињата

Победникот на претседателските избори во Србија, актуелниот премиер Александар Вучиќ повика Републичката изборна комисија јавно да ги отвори вреќите со гласачките ливчиња од избирачките места за кои неговиот противкандидат Саша Јанковиќ рече дека се „украдени“.

Од изборниот штаб на Јанковиќ, поранешен народен правобранител, порачаа дека Александар Вучиќ украл 319.000 гласа за време на изборите на 2 април. Вучиќ победи уште во првиот круг на претседателските избори со 55 отсто од гласовите.

„При проверката на вреќите со гласачки ливчиња во 25 избирачки места кои ги отворивме во Републичката изборна комисија (РИК) откривме дополнително тешки нарушувања на изборниот процес. Има огромна разлика помеѓу физичкото пребројување на гласовите и бројот на гласовите внесени во избирачките протоколи. Вучиќ потенцијално украл цели 319.000 гласа. Изборниот штаб на Саша Јанковиќ вчера побара од РИК да добие пристап до вреќите со билтени од 25 избирачки места по случаен избор. Стигнавме до скандалозни неправилности при пребројувањето на гласовите. Само во Нови Пазар од две избирачки места Вучиќ „добива“ 543 гласа, за 250 повеќе од преброените гласачки ливчиња во вреќите. Слични неправилности има и во останатите избирачки места“, се вели во официјалното соопштение од штабот на Јанковиќ.

Вучиќ реагираше остро – рече оти некои политичари знаат дека самите се крадци, па мислат дека и другите крадат како нив.

– Тоа е ноторна глупост – одговори Вучиќ на прашањето на новинарите како реагира на обвинувањата за кражба на 319.000 гласови.