Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаАктивиран механизмот на ЕУ за цивилна заштита – утре пристигнуваат експерти

Активиран механизмот на ЕУ за цивилна заштита – утре пристигнуваат експерти

Механизмот на Европската унија за цивилна заштита е активиран и првата екипа на експерти на ЕУ е испратен во Македонија по поплавите, соопшти Европската комисија. Оттаму информираат дека денеска Република Македонија го активира Механизмот на ЕУ за цивилна заштита по обилните поплави и лизгањето на земјиште кои зедоа многу човечки жртви во предградијата на главниот град Скопје.

Екипа на технички експерти ќе пристигне на 9 август за да изврши проценка на предизвиканата штета и да даде препораки на властите за цивилна заштита на национално и локално ниво.

– ЕУ е подготвена да и пружи помош на ПЈРМ сега кога и е најпотребна. Во моментов, ние сме во контакт со властите во Скопје и со останатите земји кои се дел од Механизмот за координација со цел да обезбедиме брз одговор на барањето. Експерт за хуманитарна помош е веќе испратен и екипа за цивилна заштита се очекува да пристигне утре. Апелирам што е можно побрзо да пристигнуваат понуди за помош. Исто така, ние сме подготвени да обезбедиме хуманитарна помош доколку е потребно, изјави Христос Стилианидес, комесар на ЕУ за хуманитарна помош и управување со кризи.
poplava cento
Центарот за координација за одговор при катастрофи на Комисијата ја координира помошта преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита за да и помогне на Република Македонија.

Покрај испраќањето експерти, Комисијата, исто така, ги снабдува службите кои дејствуваат во погодените подрачја со слики од сателитот Коперник.

Во соопштението се посочува дека на 6 август големи поплави ја погодија Македонија. Деведесет и три сантиметри дожд наврна во Скопје за време на бурата – повеќе од просечното ниво на врнежи за цел месец август.

– Во поплавите загинаа 22 луѓе а многумина се повредени. Сериозно се оштетени куќи и главна инфраструктура, а повеќе од илјада луѓе се евакуирани. Хуманитарните партнери на Еврпоската комисија се присутни во земјата да ги поддржат активностите на Европската унија и дополнително да ги проценат потребите за хуманитарна помош, пишува во соопштението на ЕК.
poplava cento 1
Механизмот за цивилна заштита на Европската унија овозможува координација на активности при природни катастрофи помеѓу 34 европски земји (28 членки на Унијата, Македонија, Исланд, Норвешка, Црна Гора, Србија и Турција).

– Овие земји учеснички ги здружуваат капацитетите кои можат да им се стават на располагање на земјите погодени од катастрофи низ целиот свет. Кога е во сила, Механизмот ги координира активностите за обезбедување помош во и надвор од Европската унија, се наведува во соопштението.

Помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија и беше доделена на Македонија и за поплавите во август минатата година.