HomeДЕНЕШНАРепублика„Ајде Македонија“ со законска иницијатива за донирање на храна

„Ајде Македонија“ со законска иницијатива за донирање на храна

Со оваа иницијатива за носење на Закон за донирање на храна се уредуваат правата и обврските во поглед на донирањето на храна за луѓе и животни, условите и начинот на располагање и дистрибуирање на донираната храна, даночните ослободување и стимулации за донирањето на храна пред истекот на рокот и ограничување на уништувањето на храна безбедна за користење на луѓе и животни.

Потребите за носење на ваков Закон и измена на други законски прописи доаѓа од фактичката состојба која вели дека годишно само на скопската Депонија Дрисла завршуваат 1730 тони храна (податок за 2014 година), а споредувајќи по население и генерирање на отпад по глава на жител по региони во цела Македонија овие бројки се околу минимум 5000 тони храна која завршува на депонија.

Основни цели на овој Закон се: намалување на количеството на отпад од храна и загуби од храна, прераспределување на вишоците здрава и безбедна храна до социјално загрозените граѓани и животни пред истекот на употреба и намалување на негативните влијанија врз животната средина.

Со намалувањето на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на храната на луѓето на коишто им е потребна, би можел да се ублажи проблемот со гладот во Македонија. Кога би успеале да го избегнеме фрлањето на храната и да го намалиме количеството отпад од храна во Македонија, би ја избегнале и непотребната емисија на стакленички гасови и би придонеле за ублажувањето на климатските промени. Околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето или во текот на транспортот, или на крајот во отпад ја фрлаат големите трговски синџири и потрошувачите.

Носител на законската иницијатива е Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, со поддршка на „Македонската платформа против сиромаштија“, Здружението на самохрани мајки „Уан Кен“(Една може), „Вистински дела на љубезност“ и други. Во наредниот НДИ преку програмата за застапување ќе го помогне остварувањето на оваа законодавна иницијатива.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com