Friday, Mar 29, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиумиАгенцијата за медиуми излезе со осуда за однесувањето на Латас во интервјуто со Заев

Агенцијата за медиуми излезе со осуда за однесувањето на Латас во интервјуто со Заев

Од Агенцијата велат дека „наместо интервју во кое различните гледишта и мислења ќе добијат еднаков третман со што публиката ќе може слободно да оформи сопствено мислење за актуелните општествено – политички теми – гледачите видоа непримерен начин на комуникација, кавга и навреди“.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува непочитувањето на професионалните новинарски принципи и стандарди од страна на одговорниот уредник на телевизија „Сител“ Драган Павловиќ-Латас при гостувањето на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев во „Дневникот“ од 19 часот на 10 февруари 2016 година, стои во соопштението на АВМУ.

– Без каква било професионална дистанца, без почитување на достоинството на соговорникот и на низа други личности споменати во разговорот, наместо интервју реализирано според правилата за овој новинарски жанр, гледачите беа сведоци на комплетно отсуство на култура на говорот и неетичност, наведуваат од АВМУ.

Имајќи предвид дека почитувањето на новинарските стандарди е предмет на саморегулација, Агенцијата ги повикува Советот за етика во медиумите на Македонија и новинарските здруженија да ги преземат мерките што им стојат на располагање

Агенцијата уште еднаш ги потсетува радиодифузерите на соопштението со кое пред само неколку дена ги повика да ги почитуваат професионалните стандарди коишто се основа за вршење на новинарската професија.