Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаАЕК: Услови за интернет и во најмалку населени места

АЕК: Услови за интернет и во најмалку населени места

Околу 10.000 домаќинства од рурални и најмалку населени места во државава првпат ќе добијат пристап до интернет во рамки на универзалната услуга од оператор којшто Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) планира да го избере на тендер до крајот на годинава.

Давателот на универзалната услуга ќе обезбеди поврзување на краен корисник на фиксна локација со јавна електронска комуникациска мрежа и пристап до интернет со брзина од најмалку 2Mbps по прифатливи цени за сите домаќинства што досега немаа можност да се поврзат на интернет со некоја од достапните технологии, информира денеска на прес-конференција директорот на АЕК Сашо Димитријоски.

Како што појасни, станува збор за домаќинства во оддалечени локации за кои што операторите немаа комерцијален интерес да инвестираат и да обезбедат пристап и пренос на податоци за да се обезбеди ефикасен пристап до интернет. Сега треба да добијат можност да се поврзат на интернет преку некоја фиксна или мобилна технологија во зависност од пристапноста и конфигурацијата на теренот. Најчесто тоа се области лоцирани далеку од урбаните средини и според теренските услови и густината на населението не се атрактивни за инвестици во некоја од безжичните или кабелските тенологии за пристап до интернет.

Димитријоски појасни дека дополнителните трошоци на операторите ќе се компензираат со пари од Фондот за универзална услуга што е формиран во АЕК во кој секоја година со одреден процент учествуваат операторите со над 100.000 евра годишен приход. Фондот располага со околу милион евра кои се трошат и надополнуваат за универзалната услуга а со која првпат е опфатен широкопојасниот интернет.

– Дефинирано е дека тендерот со електронска аукција ќе го добие оној којшто ќе има најмали побарувања од фондот за универзална услуга, рече Димитријоски.

Операторот на универзалната услига ќе треба да обезбеди и пристап и терминална опрема за пренос на податоци со брзина од најмалку 2 Mbps и за учениците со посебни образовни потреби во редовните и посебните основни и средни училишта. На корисниците со статус социјален случај или со посебни социјални потреби треба да им понуди посебни цени или пакети.

Преку јавен тендер АЕК ќе избира и давател на универзална услуга за обезбедување целосен телефонски именик за претплатниците во државата и целосна телефонска служба за информации, како и јавен тендер за избор на давател на универзална услуга за обезбедување јавни телефонски говорници или други јавни пристапни точки за обебзедување говорни телефонски услуги.

Тендерите АЕК планира да ги распише по завршување на јавната расправа во тек на која до 12 следниот месец може да се достават мислења, забелешки и предлози, а до крај на годинава да ги избере давателите на универзалната услуга.

На операторите кои АЕК преку тендер во 2011 година ги избра за даватели на универзална услуга договорите им истекуваат на крајот на годинава и во април следната година. Тие оператори обезбедија пристап до фиксни телефонски услуги за 1.000 семејства годишно кои на друг начин немале можност да го остварат ова право. Со услугата за универзална услуга беше создаден целосниот телефонски именик со повеќе од 700.000 броеви за претплатници за кои се достапни информации на телефонскиот број 1188. Секоја година, информира Димитријоски, беа обезбедени посебни цени и услуги за околу 22.000 загрозени семејства и социјални случаи, а беа сервисирани 150 до 200 јавни говорници на места каде што има потреба од ваков вид услуга.