Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАдвокатот на Грујовски ќе ја обжали пресудата

Адвокатот на Грујовски ќе ја обжали пресудата

Адвокатот на Горан Грујовски, Љупчо Шврговски, по објавувањето на пресудата за предметот „Тврдина 2“ рече дека очекувале ослободителна пресуда, бидејќи не може да постои кривична одговорност ако недостига суштинскиот елемент на кривичното дело. Тој најави жалба на пресудата.

– Не може да постои кривична одговорност ако недостига суштинскиот елемент на кривичното дело, рече Шврговски и додаде дека без тоа нема одговорност за никој.

Шврговски повтори дека пред Судот направиле јасна дистинкција меѓу текстовите на постојниот Кривичниот законик и на оној што важел пред законската измена. Тоа, како што додаде, се однесува на една реченица која во стариот законик постоела.

– Станува збор за тоа како кривично дело да биде санкционирано и поведението на обвинетиот, кој ќе уништи службени исправи, книги или списи. Тој дел не постои во новиот Кривичен законик, рече Шврговски.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска по објавувањето на првата пресуда за обвиненијата што ги покрена СЈО пред Кривичниот суд, рече дека затворската пресуда од 18 месеци за поранешниот началник на УБК Горан Грујевски, била во рамките на нивните очекувања.

– Изразуваме задоволство што барем за овој случај правдата излезе на виделина и очекуваме ваквиот тренд да продолжи и во другите случаи за кои СЈО има поднесено обвиненија, рече Ристоска и додаде дека со тоа што Судот ги прогласи за виновни и шесте службенички вработени во УБК, е испратена порака дека службениците кои извршуваат наредби не смеат да бидат амнестирани.

Првообвинетиот во овој случај, Горан Грујовски,, како што МИА денеска јави, е осуден на 18 месеци затворска казна за уништување докази за прислушувањето, додека другите шетмина вработени во УБК обвинети во случајот „Тврдина 2“ добија условни казни.