Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАдеми се сретна со Лајчак, во фокусот европската и македонската политичка криза

Адеми се сретна со Лајчак, во фокусот европската и македонската политичка криза

За политичката состојба во земјава, гео-политичките предизвици во Европа, за Брегзит и безбедносните причини и обезбедување стабилност на југоистокот на Европа во однос на бегалската криза разговареле вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми денеска во Братислава со министерот за надворешни работи и европски прашања Мирослав Лајчак и во неговата функција како претседавач со Советот на ЕУ.

Вицепремиерот Адеми му честитал на својот колега за преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Словачка и му посака успешна реализација на зацртаните цели и приоритети. За време на средбата се разговарало исто така за билатералната соработка помеѓу двете земји како и за актуелната политичка состојба во земјата.

За време на разговорот вицепремиерот Адеми рекол дека со оглед на тоа што преземањето на претседателството со ЕУ се случува во период на сериозни предизвици кои ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од страна на европските институции и земјите членки, при што беа споменати Брегзит, настаните во Турција, последните терористички напади во Ница во Франција и продолжената мигрантска криза, истото не треба да се одрази на успорување на процесот на проширувањето и интеграцијата на земјите од Западен Балкан.

Вицепремиерот Адеми нагласи дека Македонија треба да се третира како дел од политичката мапа на Европската унија, од економски, геополитички причини, но исто толку ако не и поважно од безбедносни причини и обезбедување на стабилност на југоистокот на Европа поради што поддршката од Словачка за продолжување на нашиот евро-атлантски пат е огромно значење.

Соговорниците за време на средбата ги поздравија одличните билатералните односи помеѓу двете земји кои се карактеризираат со пријателство и разбирање, со взаемен интерес за нивно понатамошно унапредување.

Во поглед на актуелната политичка состојба во државата Адеми се осврна на ситуацијата во земјата и нагласи дека е важно решението за сите непосредни прашања да се постигне на конструктивен и сеопфатен начин и во согласност со стандардите за владеењето на правото.

Министерот Лајчак од своја страна се осврна на исклучително сложената ситуација во која се наоѓа и функционира Европската унија во моментов притоа нагласувајќи дека процесот на проширување останува приоритет но во конкуренција со другите горливи и актуелни прашања со кои се треба да се справи Европската унија во наредниот период. Тој нагласи дека за секоја земја од регионот има план за продолжување на процесот на интеграција, додека за Македонија потенцираше дека основниот предуслов за позитивен исчекор е итно, конечно решение на политичката криза, спроведување на кредибилни, фер и инклузивни избори, поддршка на работата на специјалното јавно обвинителство и целосна имплементација на итните реформски приоритети. Имајќи ги предвид сите овие предуслови, министерот Лајчак, нагласи дека задржувањето на препораката за почеток на пристапни преговори е исклучиво во наши раце.

Вицепремиерот Адеми се заблагодари за поддршката на Република Словачка на нашите евроатлантски аспирации со надеж дека истата ќе продолжи и понатаму со засилен интензитет со оглед на високиот приоритет на агендата на словачкото претседателство за продолжување на политиката на проширување.