Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаАд хок телото со повик за пријавување на петтиот член

Ад хок телото со повик за пријавување на петтиот член

Членовите на новоформираната Привремена комисија за следење на медиумското претставување денеска првпат се состанаа во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на која бил договорен начинот на кој ќе се избере петтиот член на Комисијата.

Привремената комисија упати повик до сите заинтересирани да аплицираат за членство во ова тело. Своите биографии тие можат да ги достават на contact@avmu.mk, а рокот за нивно доставување е 21 август.

На денешниот состанок присуствуваа Цветин Чилиманов, Слаѓана Димишкова и Љубоимир Костовски, а отсуствувал Горан Трпеноски, кој бил на пат во странство.

Четворицата членови на телото кои беа предложени од страна на партиите треба со конзензус да се договорат за петтиот член, кој според договорот се очекува да биде Албанец.

Слаѓана Димишкова, уредник во Вест, која во Комисијата е на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека на оваа прва средба бил договорен начинот на којшто ќе се избере петтиот член на Привремената комисија.

– Јавниот повик ќе трае заклучно со недела, 21 август. Сите заинтересирани ќе може да се јават на тој повик, се разбира, коишто имаат интерес да бидат дел од ова тело. Ќе се оди согласно консензусот, како што е договорено. Целта е да не пробиваме рокови. Не сакаме никого да исклучиме, рече Димишкова.

Целта на телото, според Димишкова, е да биде најобјективно што може да биде.

– Нашата цел е да придонесеме најмногу што можеме за овој процес – за средување на состојбата. Ние прво треба да бидеме во комплетен состав. Комплетниот состав подразбира пет члена. Кога ќе бидеме во тој состав од пет члена, кога согласно рокот ќе знаете кој е петтиот член и кога ќе се состанеме со петтиот член тогаш можеби ќе можеме повеќе да кажеме околу тоа, изјави Димишкова.

Мандатот на Привременото тело завршува по одржувањето на предвремените парламентарни избори.

Димишкова не сакаше да им одговори на новинарите дали ова тело ќе си ја исполни задачата со оглед на тоа дека нема да се мониторираат интернет порталите.

Фото: Позитив.мк