Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаААВМУ: Медиумите имале еднаков третман на партиите

ААВМУ: Медиумите имале еднаков третман на партиите

Програмските сервиси на државно ниво, опфатени со надзорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), во првиот круг од локалните избори „генерално обезбедиле еднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување“, соопшти денеска Агенцијата.

Голем дел од нив, се вели во соопштението, вложиле напори да организираат и дебатни соочувања на учесниците на изборите. Во овој контекст, од Агенцијата забележуваат дека дел од кандидатите учествувале во посебни информативни емисии кај едни медиуми, а не одговориле на поканите на други медиуми.

„Јавниот радиодифузен сервис и Собранискиот канал ги исполнија обврските да обезбедат бесплатно политичко претставување, кое учесниците во изборната кампања го искористија со различен интензитет. Карактеристично е што партиите на Албанците во Македонија не ја искористија можноста за бесплатно претставување“, стои во соопштението.

Во последните девет дена од изборната кампања (од 5 до 13 октомври), радиофузерите што емитуваат програма на македонски јазик, според ААВМУ, во вестите биле фокусирани на известување за кампањите на двете коалиции кои имаа најголем број потврдени листи со кандидати за градоначалници и за советници – едната предводена од СДСМ, а другата од ВМРО ДПМНЕ.

„Радиодифузерите што емитуваат програма и на албански и на македонски јазик имаа квантитативно подобро воедначен пристап во известувањето. И едните и другите, квалитативно настојуваа да обезбедат еднаков третман. Во овој извештаен период не беше констатирано прекршување на барањето за правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите“, стои во соопштението на ААВМУ.