Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитика90 жалби за необјективно известување на медиумите

90 жалби за необјективно известување на медиумите

Скоро 90 жалби примил од почетокот на годинава Советот за етика во медиумите, кои се однесувале на необјективно и неетичко известување од страна на дел од медиумите. Комисијата за етика примила околу 130 жалби за година и половина, колку што постои ова тело, информираа денеска од СЕММ.

Мирче Адамчевски од СЕЕМ вели дека најголем дел од поплаките се однесуваат на текстови од порталите и поради тоа што тие не се регулирани, се очекува нивниот број драстично да се зголеми во предизборниот период.

„Речиси и да нема претставка во која не е наведено дека во текстот ја нема втората или третата страна. Голем дел се однесуваат, исто така и на говор на омраза“ – рече Адамчевски.

Извршниот директор на СЕММ, Марина Тунева, ги повика медиумите на саморегулација за да се запазат етичките норми во новинарството.

„Помина повеќе од половина година откако беше потпишана Повелбата за етичко известување за избори, а претставките сè уште стигнуваат. Наместо да се подобри состојбата во медиумите, таа е влошена“ – изјави Тунева.

Од СЕММ најавија засилено следење на медиумите и уште еднаш повикаа да се почитува Повелбата, во која јасно се посочени насоките за известување на медиумите во предизборниот и во изборниот период.