Thursday, Nov 26, 2020
HomeДЕНЕШНАЕкономијаЗошто обновливата енергија ќе биде клучна по КОВИД-19 пандемијата?

Зошто обновливата енергија ќе биде клучна по КОВИД-19 пандемијата?

4_ Anders Jacobsen

Новиот извештај на Меѓународната агенција за енергија истакна дека обновливата енергија, особено сончевата, не само што обезбедува најефтина електрична енергија како никогаш досега, туку има и најголем потенцијал за раст по КОВИД-19 пандемијата.

Секоја година, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ги објавува Светските енергетски прегледи (World Energy Outlook) кои содржат детална анализа за трендовите во побарувачката и снабдувањето со енергија и што значат тие за енергетската безбедност, заштита на животната средина и економскиот развој. Извештајот ги проучува понудата и побарувачката на различните извори на енергија, напредокот во технологиите за обновлива енергија, енергетската ефикасност, пристапот до енергија и други релевантни теми. Разбирливо, извештајот за 2020 година се фокусира првенствено на тоа како пандемијата КОВИД-19 влијаеше на сето ова и како изгледа иднината додека земјите ширум светот ги дизајнираат своите планови за закрепнување во следните десет години.

Овогодишната проценка покажува дека обновливите извори се докажале како извори на енергија на иднината и дека најевтината енергија сега доаѓа од овие извори, особено од сончевата енергија. Извештајот исто така ги потенцира падовите на побарувачката на енергија и емисиите во 2020 година, но исто така предупредува дека ова нема да има долгорочен ефект ниту во ублажувањето ниту во запирањето на климатската катастрофа, доколку не се донесат правилни одлуки во овој момент. Овие откритија ги повторуваат резултатите од извештајот објавен порано оваа година од тинк-тенк организацијата „Ембер“, кој исто така покажува колку се зголемува производството на обновлива енергија во текот на првата половина на 2020 година, додека индустријата на фосилни горива полека, но сигурно пропаѓа.

Побарувачка на енергија и емисиите за време на пандемијата

На почетокот на годината, кога многу земји почнаа да воведуваат одредена форма на карантин и повеќето активности беа запрени, имаше бројни извештаи низ целиот свет за драстично зголемен квалитет на воздухот, појасно небо и почисти води, како и примери од регенерирање на природата.

Според наодите, побарувачката на енергија најверојатно се има намалено за 5% што резултира во 7% пад на емисиите на СО2 поврзани со енергија во 2020-та. Истото не може да се каже за емисиите на метан кои не се намалиле и покрај помалата потрошувачка на фосилни горива.

Врз основа на бројни можни пост-КОВИД сценарија презентирани од Меѓународната агенција за енергија, глобалните емисии ќе се вратат на претходните нивоа со стапка што веројатно ќе биде само малку побавна отколку по финансиската криза од 2008-2009-та година. За жал, економските последици од пандемијата ќе го одложат и процесот на екстремно неопходните промени што треба да се направат во енергетскиот сектор, имено, транзицијата кон чиста енергија.

Промените во начинот на користење на енергија оваа година негативно се одразија на веќе умирачката индустрија на фосилни горива и дополнително го потенцираа моќниот потенцијал на обновливата енергија. Некои од најголемите компании за нафта и гас претрпеа огромни загуби и пријавија пад на вредноста на нивните средства од над 40 милијарди евра. Инвестициите во снабдување со нафта и гас исто така опаднаа за една третина во споредба со 2019-та година.

Од друга страна, производството на обновлива енергија се прошири и продолжува да биде значително поекономично за операционализација. Фотоволтаиците се се’ поевтини со текот на изминатата деценија и се се’ поекономична опција отколку новите централи на јаглен или гас во повеќето земји. Во извештајот се наведува дека „соларните проекти сега нудат електрична енергија со најниска досега видена цена“.

Енергетската сиромаштија расте

Секако не е изненадување што најранливите популации во светот се оние кои го носат најголемиот товар од климатската криза. Извештајот покажува како пандемијата ги влошува проблемите со отежнат пристап до електрична енергија и зголемувањето на нивоата на енергетска сиромаштија низ целиот свет.

Во 2019-та година, приближно 580 милиони луѓе во потсахарска Африка немаа пристап до електрична енергија и состојбата веројатно ќе се влоши бидејќи владите сега ги насочуваат сите свои напори и ресурси во справување со здравствената и последователната економска криза. Идните сценарија покажуваат дека поради неизбежниот пораст на нивото на сиромаштија, над 100 милиони луѓе кои претходно би можеле да си дозволат основни услуги за електрична енергија веќе нема да можат да го сторат тоа и ќе треба да се вратат на алтернативни, загадувачки и неефикасни извори на енергија.

Енергија во пост-КОВИД ера

Извештајот презентира бројни постпандемични сценарија засновани врз потенцијалните патеки што владите може да ги следат, како и најновите податоци за пазарот на енергија. Едно такво сценарио се нарекува Stated Policies Scenario (STEPS), сценарио што најмногу го рефлектира патот по кој што светот тековно се движи врз основа на тоа кои мерки и политички цели се веќе објавени. Интересно е да се напомене дека во сите презентирани сценарија, обновливите извори на енергија доживуваат брз раст, особено сончевата енергија.

Во STEPS, КОВИД-19 постепено ќе се најде под контрола во 2021-ва година и економијата ќе се врати на нивото пред кризата во текот на истата година.

Јагленот и нафтата ќе страдаат во следните децении. Побарувачката за јаглен никогаш нема да се врати на нивото на кое што се наоѓала пред кризата и ќе сочинува помалку од 20% од вкупниот енергетски микс до 2040-та година. Овој драстичен пад се забележува за прв пат по индустриската револуција. Нафтата веќе доживува интензивен пад на побарувачката заради ефектите од пандемијата, заради тоа што повеќе луѓе работат од дома (наместо да патуваат до работното место) и заради драстичното намалување на авионскиот сообраќај. Побарувачката на нафта се предвидува да се изедначи и да престане да расте до 2030 година.

Влијанието на пандемијата врз гасот не е толку негативно како врз другите фосилни горива и тоа е затоа што неговата идна побарувачка и потрошувачка варираат низ целиот свет. Во STEPS, се предвидува пораст на побарувачката во Јужна и Источна Азија, но се предвидува благ пад на побарувачката за гас во некои напредни економии до 2040-та година. Производителите на гас се под голем притисок да бидат потранспарентни за нивото на штетниот метан што протекува низ нивните синџири на снабдување, поради што индустријата се соочува со дополнителен надзор.

Иднината изгледа многу поразлично за обновливите извори на енергија. Сценариото STEPS покажува дека обновливите извори на енергија ќе задоволат 80% од растот на побарувачката на електрична енергија до 2030-та година, а сончевата енергија е главниот двигател на растот проследен со копнена и крајбрежна ветерна енергија. Веќе е јасно дека соларната енергија ќе има 43% повеќе излезна моќ до 2040 година отколку што предвидуваше ИЕА во 2018 година, бидејќи е потврдено дека е до 50% поевтина отколку што првично се сметаше.

Иднината на енергијата несомнено се движи кон обновливи извори и се чини дека КОВИД-19 пандемијата ја забрзува таа транзиција. Брзината и степенот до кој тоа ќе се одвива во голема мера ќе влијае на тоа како можеме да се справиме со климатската катастрофа. За да го сториме ова правилно, треба повторно да размислиме како функционираат нашите економии и како ќе се справиме со стапките на јаглеродно-интензивната потрошувачка на најбогатите поединци и земји низ целиот свет.

Транзицијата кон почиста енергија, исто така, претставува низа предизвици што треба да се решат однапред. Во таа низа неопходно е да се вклучи флексибилноста на електричните мрежи во справувањето со непостојаноста на енергијата (во зависност од достапноста на сонцето и ветерот), складирањето енергија за моменти кога нема ветер и/или сонце, и решавањето на проблемите со побарувачката на минерали и материјали (литиум, никел, кобалт итн.) потребни за секторот за обновлива енергија и штетните влијанија што тие можат да ги предизвикаат врз животната средина и засегнатите заедници.

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова