Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСеад Кочан треба да оди во притвор, потврди Апелација

Сеад Кочан треба да оди во притвор, потврди Апелација

Апелациониот суд го потврди притворот за првоосомничениот Сеад Кочан во предметот Труст на Специјалното јавно обвинителство. Одлуката е донесена на денешната јавна седница. Во соопштението на Апелациониот суд е наведено дека решението на Кривичниот совет на Основниот Суд Скопје 1 со кое против осомничениот е определена мерка притвор е потврдено по однос на околноста опасност од бегство. Во продолжение е наведено дека другите причини поради кои е определена мерката притвор не се исполнети па поради тоа судот делумно ја уважува жалбата на одбраната на Кочан, односно на адвокатот Никола Додевски.

Претходно одлуката за притвор беше определена по три основи, но сега со решението на Апелациониот суд, се определува само по една точка, а тоа е опасност од бегство.

За бизнисменот Кочан тврдат дека е на службено патување, па бидејќи не е достапен за органите на прогонот по него е распишана меѓународна потерница која повторно ќе се активира доколку тој самиот не се појави пред судот.

Денеска пред Апелациониот суд вработени во фирмите на Кочан како и од телевизијата Нова протестираа против истрагата на СЈО за кое велат дека работи по политичка нарачка на СДСМ со цел медиумот да биде замолкнат.

Од ВМРО-ДПМНЕ мерката притвор ја оценија како притисок и можност за затворање на телевизијата и упатија предупредување до судиите.

„Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите. Евентуалното подлегнување на притисок или влијание врз судот во случајот со сопственикот на овој медиум нема да остане без реакција на ВМРО-ДПМНЕ“, се истакнува во соопштението.

Од СДСМ, пак, реагираат дека мора веднаш да престане со злоупотребата на луѓе за протести.

„Паднаа маските на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Соопштението во коешто ВМРО-ДПМНЕ го штити медиумскиот и бизнис партнер на Груевски, Сеад Кочан, потврдува дека се што прави оваа партија има единствена цел, заштита на нивните криминали и лично стекнатите богатства“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Кочан е осомничен за злоупотрена на јавна набавка. Тој како сопственик на Фирмата „Трансмет“, заедно со раководителот на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство е наречена „Труст“.