Wednesday, Apr 24, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМузеј40 дена културен маратон, започнува ,,Скопско лето”

40 дена културен маратон, започнува ,,Скопско лето”

Концерти, претстави и изложби ќе ги нахранат уметничките души ова лето 2015.

Од недела, ,,Скопско лето” ќе царува во остварувањето на своето 36 издание на 26 отворени сцени низ градот.

Премиерата на балетската претстава „ Заспани убавици” во салонот на Македонска опера и балет со почеток во 21 часот и изложбата по повод 25 години Галичка ликовна колонија во ,,Мала станица” во 20 часот, свечено ќе го означат почетокот на една од најзначајните културни манифестации во Македонија.

Според најавите, обемната програма во траење од 40 дена ќе се реализира со 700 учесници, 190 од странство, а во 59 термини ќе се реализираат 65 проекти, од кои 4 премиери.

MOБ

На 22 јуни, во соработка со Сојузот на композитори на Македонија, концерт ќе одржи и младиот флејтист од Турција, Џем Онетурк, а ден потоа во соработка со Факултетот за музичка уметност ќе биде одржан концерт и на „Биг бендот“ на Факултетот за музичка уметност, како и авторска вечер на Живоин Глишиќ.

Најавена е Вечер на јапонско-македонско пријателство помеѓу хоровите „Топмони Утао“ и Градскиот мешан хор „Вардар“ под диригентска палка на Казухиро Котетсу од Јапонија и Јасмина Ѓорѓеска од Македонија.

Премиерните изведби на претставите ,,Кафе без цигари” во режија на Теа Беговска, „Еригон“ во режија на Јани Бојаџи, и  „Столови“ во режија на Дамјан Читкушев  ќе ги задоволат вкусовите на вљубениците во театарската уметност, додека Друштвото на ликовни уметници на Македонија и годинава ќе го реализира проектот „Скопски урбани приказни“,

Скопско лето свечено ќе биде затворено на 31 јули со концерт во Сули-ан на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, под диригентската палка  на Елена Митревска.