Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопје230.000 евра за живеалиште на шимпанзо во скопската ЗОО

230.000 евра за живеалиште на шимпанзо во скопската ЗОО

Скопската Зоолошка градина планира да гради живеалиште за шимпанзо кое ќе чини 232.000 евра – објави 24 Вести. За изградба на живеалиштето е ангажирана тетовската градежна фирма „Квалитет Бетонида“, која има рок од 7 месеци да заврши со градежните активности, стои во склучениот договор објавен на страната на Бирото за јавни набавки.

Вредноста на договорот е за 35.000 евра повисока од проценетата вредност, односно од парите што Зоолошка градина планирана да ги потроши за оваа намена. Оттаму не сакаа да дадат повеќе информации за шимпанзото и неговото идно живеалиште.

Од Зоолошка градина одговорија само дека договорот е склучен пред неколку дена. Дополнително, рекоа, ќе се координираат со Град Скопје кога и како да и ја соопштат на јавноста оваа информација, се со цел градоначалникот преку медиумите да го промовира овој проект како нова атракција.

Од Зоолошка градина пред два месеца објавија дека се гради и живеалиште за два слона и дека во план е да се подготви место и за нивен иден потомок. Директорот на установата соопшти дека во тек се преговори, но се уште нема информација дали е договорена набавката, ниту пак колку ќе чинат слоновите.