HomeДЕНЕШНАПолитикаЈубилејни 15 години од потпишувањето на Рамковниот договор

Јубилејни 15 години од потпишувањето на Рамковниот договор

Денеска се одбележуваат 15 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за уредување на правата на етничките заедници и нивното учество во политичкиот систем со цел да се врати довербата во меѓуетничкиот соживот. Сепак, одбележувањето на овој значаен настан од македонската современа историја никогаш не донесе голема „еуфорична“ прослава освен куртоазни изјави на политичарите.

Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

По повод годишнината од потпишувањето на договорот, Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор денеска на  Попова Шапка ќе организира конференција на тема „Охридски договор – предизвик и гаранција за интеграција”.

Oд Секретаријатот за МИА информираа дека форумот ќе го отвори вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Фестим Халили. Меѓу панелистите е и Питер Фејт кој учествуваше во разговорите од 2001, а доаѓа како претставник на Европскиот институт за мир, кој заедно со Секретаријатот ја подготви анализата за Охридскиот рамковен договор. Потврдено е учеството на американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, а поканети се и други претставници на дипломатскиот кор, на политичките партии, експерти, универзитетски професори и други гости

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com