HomeГОВОРНИЦАКолумнаШест години подоцна: Скопје радост требаше да бидеш

Шест години подоцна: Скопје радост требаше да бидеш

После долго време бојкот на движењето низ централното градско подрачје, во текот на вчерашниот ден поради обврски морав да поминам преку некогаш преубавиот плоштад „Македонија“ полн со зеленило и живот. Сликата што таму ме дочека не беше онаа носев во себе добиена минатито пат кога бев таму. Оневозможени пристапи, насекаде работници кои вредно брзаат да ги довршат задачите кои им се доделени, се` со цел да се стигне на време, а доколку е возможно и порано од тоа.

Движејќи се по плоштадот забележувам луѓе кои се фотографираат со новите скопски „реквизити“, да реквизити бидејќи тие за мене не претставуваат обележја на еден модерен главен град, така гледаќи ги се прашувам дали овие луѓе не гледаат што се случува околу нив, дали се сликаат со новите градби, фонтани и споменици, од што им се допаѓаат или да имаат материјал за шега кога ќе се сретнат со своите пријатели од странство.

Самиот плоштад има целосно нов лик, а на подот некои нови плочки налик на оние кои ги ставаа по тоалетите во трговските центри во бившата држава – Југославија. Поради големата фреквенција на луѓе кои се движат по нив, тие сега наместо да бидат бели се повеќе прелеваат во некоја кафена варијанта, а работниците задолжени за нивно чистење, се чини, не можат да постигнат со темпото на главниот град. Но, доволно за моите впечатоци, да погледнеме што всушност му се случи на Скопје…

Скопје, 4 февруари: Споменици на историски личности од мермер и бронза, фонтани, скулптури и нови згради на институции, се предвидуваат според проектот „Скопје 2014“ за централното градско подрачје, што денеска беше визуелно претставен, во организација на општина Центар. На плоштадот „Македонија“ ќе има фонтана со споменик на Александар Македонски на Букефал, во непосредна близина на плоштад Пела т.н „Порта Македонија. Се најавува и отпочнување на изградба на постаментите за двата лава, кои ќе бидат поставени пред мостот „Гоце Делчев“, доаѓајќи од Владата кон мостот. На локацијата до поранешниот Офицерски дом е планирана изградба на хотели. Предвидена е изградба и на православен црковен храм „Св. Константин и Елена“. Локацијата и припаѓа на МПЦ која одлучува кога ќе се реализира нејзината изградбата на црквата. Фонтана се најавува и на плоштадот „Карпошово востание“, од спротивната страна на Камениот мост. Фонтаните, пак, кои треба да се поставуваат во Вардар се очекува да достигнат водоскок во висина до 30 метри. Од другата страна на Вардар ги најавуваат објектот на стариот театар во Скоје и Музејот на македонската борба, како и зградата во која ќе бидат сместени Уставнот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј. Во нивна близина е предвидена изградба и на објекти за МНР, Агенцијата за електронски комуникации, за Јавното обвинителство и Финансиската полиција. Објектот на новата концертна сала на Македонската филхармонија го најавуваат за целосно завршен до крајот на 2012, како и дополнителни два пешачки моста кои ќе ги поврзуваат. Ќе се „преоблекуваат“ и фасадите на зградите во строгиот центар на Скопје за да одговараат на новиот лик на централното градско подрачје.

Проектот според најавите е спектакуларен и истиот уште веднаш предизвикува бурни реакции на јавноста. Првичната најава за цената на овој подвиг е околу 80 милиони евра, но како што одминуваат месеците оваа бројка се дуплира, триплира за потоа да достигне скоро 10 пати поголема вредност. Проектот го следат огромни контраверзии, од изборот на уметници кои ги избработуваат спомениците, преку високите цени на материјалите па се до неговата естетска целина. Проектот од месец во месец добиваше се` повеќе нови дополнувања од првично најавените.

Извештај за цената на „Скопје 2014“ изработен од „БИРН“

Дебатираат стручњаци и лаици, професионалци и аматери, експерти и обични граѓани. Секој си дава за право да коментира, да брани и да напаѓа. Се дискутира за објектите, за спомениците, за стилот на градбите, за парите. Се развиваат тези за уметноста, архитектурата, за слободата на движење, просторот, за естетиката и за перцепцијата воопшто. Секојдневно има дебати, дуели, полемики. Се редат познати и непознати имиња на архитекти и урбанисти, на скулптори и музичари, на аналитичари, политичари, на сегашни и поранешни градоначалници, на граѓани. „Проектот е отворен за сите нови предлози“, рече во едно интервју министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, оставајќи можност анимацијата „Скопје 2014“ да биде дополнета со нови елементи.

Сето ова се случуваше во најголемата светска економска криза, воедно и период на пикот на владеењето на актуелната партија на власт ВМРО – ДПМНЕ…

Во тој период, поточно на 12-ти Април истата година градоначалникот во заминување, Трифун Костовски, запознаен со сите овие планови за градот кој до скоро тој го управуваше, на тогаш новоизбраниот градоначалник Коце Трајановски, кој патем извршуваше фукција градоначалник на Гази Баба, му остава едно писмо со кое му порачува:

Почитувани читатели, шест години подоцна може и сами да заклучите што Трајановски послушал од ова, а што направил онака како што направи.

Денеска, Скопје е град на второто место во светот според загаденоста на воздухот. На централното градско подрачје му беа одземени „белите дробови“ кои со децении го прочистуваа скопскиот воздух и беа ладно прибежиште за граѓаните во летниот период. Во меѓувреме изникнаа згради на секој агол, целосно се затвори природниот воздушен пат кој го прочистуваше воздухот во Скопје, години наназад. Децениските дрва кои ја красеа улицата „Илинденска“, градскиот плоштад и другите околни локации останаа само нем сведок за некогашното Скопје.

За култниот парк наспроти хотелот „Бристол скопјани раскажуваат со трепет во гласот, за моментите на дружба кои жителите на околните згради ги поминувале таму. Тие не успеаа да го одбранат паркот од градските планови. Ова место, денеска, е едно големо градилиште, паркот веќе го нема, а ги нема нту насмевките на пријателските лица кои некогаш тука се собираа за дружба.

Зелените површини беа заменети со бетонските конструкции, помалку или повеќе убавите стиропорни столбови и фасади, а убавиот плоштад со барокното лудило на 21-от век.

Прашањето што сега се поставува е дали и ГТЦ, последниот „војник“ кој храбро и пркоси на модерната барокизација, ќе падне во канџите на ефтиниот гипс картон, стиропор и бронзените статуи, кои граѓаните скапо ги плаќаат и со своите пари, но и со здравјето кое им е наурешно поради загадениот воздух.
Скопје, радост требаше да бидеш…

автор: Никола Станков
Од архивата на Позитив.мк: Колумната е објавена на 25.11.2015

Не е дозволено преземање на оваа содржина без согласност од редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com