HomeДЕНЕШНАПолитикаЧауш побара нов обвинител и судија, судењето продолжува во среда

Чауш побара нов обвинител и судија, судењето продолжува во среда

Захир Бекири – Чауш, денеска побара изземање на судијата поединец кој го води случајот против него и против неговиот брат Имер за наводен фалсификат на лични карти, а изземање е побарано и за јавната обвинителка Наташа Гоџовска. Дали ќе биде прифатено барањето, ќе се знае во среда за кога е закажано продолжение на овој судски процес.

На денешното рочиште најпрво се појавија тројца сведоци и уште два тима на експерти од МВР кои работеле на изработка на вештите наоди и мислења. Двата тима вештаци, составени од по три експерти, беа повикани да појаснат за начинот на изработка на фалсификуваните лични карти, но и за тоа што е пронајдено во компјутерот на Чауш.

Бекири праша дали можат да потврдат дека материјалите кои биле предмет на вештачење, хард диск, потекнуваат од негов компјутер изразувајќи сомневање дека му биле подметнати. Експертите од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и од Одделението за крим и техничко испитување и вештачење не можеа да кажат дали она што било предмет на вештачење е земено од компјутерот на Чауш, односно дали е можно фајловите да се дополнително уфрлени.

Вештаците од МВР рекоа дека и најобичен печатар може да се користи како основа за изработка на лични карти, но дека за нивна целосна финализација е потребна и друга опрема, а таква опрема не била запленета од Захир Бекири-Чауш. Вештаците рекоа дека не се надлежни за утврдување на сопственоста на материјалот кој се вештачи, објаснувајќи дека тие материјалот го добиваат со потврда за времено запленети предмети и по добиена наредба за вештачење од Обвинителството.

Захир Бекири беше обвинет дека изработил 105 лични карти и дека му ги предал на новинарот Љубиша Арсиќ. Новинарот Арсиќ негираше каков и да е контакт со сега обвинетиот Бекири. Продолжението на овој судски случај е закажано за среда.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com