HomeГОВОРНИЦАКолумна„Хулиганка“ од протестите: Оваа жешка пролет си го враќаме градот

„Хулиганка“ од протестите: Оваа жешка пролет си го враќаме градот


Живеејќи во земја чие секојдневие е неудобно, каде има низа на несведливи идентитети, наметнувачки патријахални вредности, култура на дихотом и бинарен светоглед, поткопан перформатив на сите поединци а посебно на уметниците, мајките, жените од чија перпектива и можам да говорам,поттикната сум да размислувам и создавам на овие за мене горешки теми. Но пред се, говорам од позиција на слободен граѓанин на земјава по сопствено убедување,поттикната од желбата за смена на една корумпирана и недемократска власт.

Не само за смена на еден угнетувачки систем за друг таков сличен, туку за коренити промени на вредносни системи и фејкерски критериуми, авторитативни политики и злоуптреба на power механизми. Сакам јавно да изразам незадоволство од сево искусено низ секојдневното патешествие низ дисфункционалново општество, низ инертните институции и секако и да се спротивставам на сета злоба,изживување,лоповжлуци,лечење комплекси врз невини луѓе, злоупотреба на функции, манипулации, поткупувања, ограничување на човековите слободи и кршење на сите човекови права редум.


Сметам дека сега ни се случуваат клучните моменти преку кои настанува човековата а со тоа и општествена трансформација. И тука сум да критикувам секој што ќе се обиде сиве збиднувања да ги испреврти во полза на лични интереси без совест и емпатија и социјална свесност. Луѓето, обичните граѓани се носители на агенсот на промени и тоа мора да ни биде јасно, на сите, секогаш!

Мора да сме свесни дека ние,обичните граѓани треба да сме оние кои ќе се изборат или не за правото да креираме политики, да ги вкрстуваме политиките за да ги преиначиме метастазираните институции и да ги пренамениме – наместо како до сега, тие да се со првенствено економска нужност, да направиме да бидат во служба на социјалните бенефиции на сите луѓе.

Со оглед на сегашнава состојба можеби изгледаат радикални визиите за надетничко, надрелигиско, надпартиско, родово рамноправно општество но никако не треба да се откажеме кон истото да целиме свесни дека патот треба да го поплочиме со аналитичност, стратешки да го осмислиме но сепак да бидеме доволно флексибилни да се соочуваме со непредвидливостите и преиспитувајќи се постапно да врвиме без откажување.

Автократија и диктатура владеат во татковинава! Да ставиме крај! Да не бидеме слепи голтачи на сервирани безвкусни и корумпирани вести, на животопогубни осмислени напивки кои ни ја зашеметуваат свеста и не дисциплинираат во еднооки следбеници на предводник слепец, па од таа перспектива неможеме слободно да го преосмислуваме постоењето и да му се радуваме на битисувањето.

Ејјј радоста на живеењето ни ја убиваат со едноумие! Едноумието на никого не му е во полза. Едноумието не притисна до дново. Слободните граѓани во слободни општества имаат право на глас! Легитимна е сечија индивидуална и здружена битка со една единствена цел-континуирана демократизација на општеството. Право на достоен живот за секое живо суштество. Еволуција! Да го искорениме авторитарниот плевел од секоја пора на сегашниов систем со генерирање на нови политички потенцијали и реорганизирање на неуспешните деградирачки концепти изнаоѓајќи нови, подобри можности.

Ова е повик за интерпелација на секој слободоумен граѓанин! Ова е повик за ненасилен граѓански отпор! За намалување на класните разлики! За развиток и поттик на слободната мисла!За еднаквост,друштвена кохезија и инклузивност на граѓаните во сите општествени сфери! За анулирање на сиромаштијата и социјалната исклученост! За пронаоѓање смисол во бесмисленосва! За зачеток на граѓанско општество!
Ве повикувам да се организираме, да се пленумизираме и да ги повикаме властодршците на одговорност.Да им разјасниме дека не ни се допаѓаат нивните тоталитарни политики и повеќе не ги сакаме.

Секој со своите способности да изнаоѓаме ефективни методи и да излеземе на фронтовите на правдината! Да вршиме притисок! Притисок кон секој поединец кој е на функција и секоја институција…правете притисок и индивидуално и здружено! Ова не е држава на партиите! Ова е држава на граѓаните! Слушнете не додека зборуваме. Бидете доволно доблесни да застанете зад своите дела – недела и понесете си одговорност. Заминете милом за да не бидете истерани силом!


Ве повикувам мои сограѓанки и сограѓани, сите заплашени, уценети, инструментализирани – пробудете се!
Пробудете се морни сожители, оснажнете се сите пребликнати со јад. Та не сме саде ние, та не сме саде тука и не ни е прв пат! Зар не гледате? баш сега растат вгради срца млади со новопробудени сили!Не гаснете ги!

Да ја продолжиме жестината на протестнава пролет низ долго топло лето со предзнак на отпор. Отпор кој ќе ги артикулира сите акумулирани незадоволства, отпор кој ќе не одведе до растеретувачки катарзички пракси па свежи да можеме да застанеме исправено и елаборативно да почнеме да преобмислуваме на здрави темели.

“До кај што сум ја пренесол својата љубов до таму е мојата татковина” како што се произнел одамна Блаже Конески а сега јас ќе контекстуализирам со денешнава ситуација…

Да ја произлеземе љубовта која ја имаме насекаде низ улиците на нашава татковина.

Да покажеме каква ни е љубовта и до каде не води!

Автор: Дороти Пачкова

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com