HomeДЕНЕШНАСветХоландија и удри шлаканица на Украина, но и на ЕУ

Холандија и удри шлаканица на Украина, но и на ЕУ

Одѕивот на референдумот, според првичните резултати, бил 32 проценти од 13 милиони гласачи во Холандија. Тоа е за два проценти повеќе од минимумот за да биде неговиот резултат валиден. Официјалните резултати би требало да бидат познати до 12 овој месец. Според првичните, пак, над 64 насто го отфрлија договорот, додека околу 36 проценти го поддржаа.

Холандскиот премиер, Марк Руте најави дека не би брзал со донесување одлуки во наредниве неколку недели. Говорејќи пред да биде соопштен одѕивот, шефот на холандската дипломатија Брет Коендерс изјави дека ратификацијата на договорот меѓу Украина и Унијата не може да биде процесирана споредпланираното.

„Ние сега ќе треба да дискутираме во владата, со парламентот, но и со нашите европски партнери, како и со Украина, да се види кои се можните последици од оваа одлука“, рече тој.

„Двајца од тројца луѓе во Холандија не го сакаат овој договор и затоа сметам дека холандската влада треба да го прекине процесот на ратификација“, изјави холандскиот социјалист Хари ван Бомел.

Активистите против Европската унија кои го покренаа референдумот прогласија победа.
„Изгледа дека холандскиот народ и кажа не на европската елита, како и на договорот со Украина. Почеток на крајот на Европската унија“, напиша на Твитер Герт Вилдерс, популарен холандски политичар кој е против Унијата. Тој претходно оцени дека договорот со Украина не е во интерес на Холандија и изрази надеж дека и другите во Европа ќе го следат холандскиот пример.

На овој референдум се гледа како на тест за силата на евроскептиците и тоа на само неколку месеци пред референдумот во Британија за тоа дали таа земја да остане или да излезе од Унијата. Договорот со Украина за широка политичка и трговска соработка треба да биде ратификуван од сите 28 земји членки на Унијата. Холандија е единствената земја која не го сторила тоа.

Експертите сметат дека кревката владина коалиција во Холандија која во моментов е претседавач на Европската унија тешко ќе може да го игнорира резултат од референдумот и тоа на една година пред општите избори во таа земја. Холандското отфрлање е тежок удар за Украина во време кога нејзината влада се соочува со политичка криза. Според посматрачите, официјална Москва ќе биде задоволна од изјаснувањето на Холанѓаните кое во најмала рака ќе го забави украинскиот пат кон Европската унија.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер пред извесно време предупреди дека холандското одбивање на договорот со Украина ќе ја отвори вратата за поширока криза во Европската унија.

извор:Радио Слободна Европа

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com