HomeДЕНЕШНАРепубликаХелсиншки комитет: Рокот за обвиненија од СЈО да биде продолжен на 24 месеци

Хелсиншки комитет: Рокот за обвиненија од СЈО да биде продолжен на 24 месеци

На 24 месеци да се зголеми рокот за поднесување обвинителен акт од Специјалното јавно обвинителство, побараа денеска од Хелсиншкиот комитет во рамките на иницијативата на граѓанското општество за спроведување на итни демократски реформи.

Како што рече Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншки комитет, тие, покрај тоа, бараат независен буџет за СЈО, како и законско решение за тоа обвинителство да стане постојан орган.

– Во судскиот совет да бидат предложени нови членови со нови критериуми и искуство. Исто така, бараме итно да се донесе законот за заштитени сведоци и законот за свиркачи. Сметаме дека само со посебно одделение во Кривичниот суд за случаите произлезени од прислушуваните материјали, СЈО ќе може да работи без притисоци – изјави Пировска.

Со овој став се согласува и поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, според која потребно е формирање на специјализирано судско одделение.

– Се гледа дека судиите судат под притисоци. Тие одеа на разни семинари во земјава и надвор за запознавање со искуствата предвидени со новиот кривичен законик, но не најдоа доблест да ги реализираат. Исто така, и јавното обвинителство не најде волја да ги процесира случаите пред да ги предаде на СЈО. Затоа е и потребно ново судско одделение за овие случаи – изјави Николовска.

Извор: МЕТА

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com