HomeДЕНЕШНАПолитикаХан: Без фер избори, новата Влада нема да биде меѓународно признаена

Хан: Без фер избори, новата Влада нема да биде меѓународно признаена

Разочараност кај европскиот комесар за проширување предизвикаа последните настани во земјава, а пред се аболицијата на осомничените за изборен криминал. Јоханес Хан и денеска ги повика политичките партии да се вратат на преговарачка маса бидејќи ако не се фокусираат на фер избори, изборите и новата влада нема да бидат меѓународно прифатени.

„Навистина сум разочаран од последните настани. Ние инвестиравме многу во договрот од јуни-јули минатата година за да се донесе земјата назад на евроатланскиот пат. Многу од роковите не беа испочитувани кога требаше, но конечно тоа беше направено. И затоа фактот дека сега изборите на 5 јуни се под тешка ситуација, искрено не знам како ќе изгледа по изборите. Мислам дека можам само да ги повикам сите партии, исто и цивилното општество, но особено политичките партии, да се вратат на преговарачка маса и да останат посветени на евроатланската перспектива на земјата“, нагласи еврокомесарот, одговорајќи на прашање од Обединетата македонска дијаспора.

Хан истакнува дека сите треба да разберат дека демократијата значи да се постигне договор и компромис, а не да се има став на победник и губитник, во спротивно, никогаш нема да бидат успешни.

„Се надевам дека можеме да ја испратиме оваа порака. Членови на Европскиот парламент и јас ќе пробаме да направиме уште еден напор да ги донесеме заедно и да посредуваме. Не можам да ветам ништо, но се надевам дека постепено луѓето во регионот и во некои други делови ќе разберат дека демократијата значи да се постигне договор и компромис, а не да се има став на победник и губитник. Во спротивно, никогаш нема да бидете успешни. Луѓето во регионот заслужуваат подобра иднина, а тоа е единствено можно ако се има јасна европска перспектива.Ова вклучува европско или демократско сфаќање на владеењето на правото. Ова мислам веќе е одговор на опсежното помилување на луѓе од страна на претседателот на државата“, потенцира Хан.

Тој повтори дека ЕУ сака да ги продлабочи односите со соседите, да промовира стабилност и да поддржува демократски и економски реформи. Проширувањето останува цврсто на агендата, но е условено со реформите.

„Ги научивме лекциите од претходните случаи на проширувања дека е неопходно да се има процес со земјите кандидати со цел да им овозможиме нив да бидат на ниво што е прифатливо за нашите државјани. Значи повеќе е до процесот, а помалку до преговорите што треба да се направат“, посочи Јоханес Хан.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com