HomeДЕНЕШНАРегионФикрет Абдиќ – од воен осуденик до кандидат за градоначалник

Фикрет Абдиќ – од воен осуденик до кандидат за градоначалник

Фикрет Абдиќ, осуденикот за воени злосторства, е кандидат за градоначалник на Велика Кладуша, откако централната изборна комисија на Босна и Херцеговина ја верификува кандидатската листа на Лабуристичката партија.

Весникот „Аваз“ во вчерашното издание пишува дека не постоела никаква пречка за кандидатурата на Абдиќ, иако од судовите на Хрватска е осуден за воените злосторства над Бошњаците на подрачјето на Босанска Краина од 1993 до 1995 година. Во прилог на ова се наведува фактот што и други лица со обвинение за сторени воени злосторства во 2012 година биле избрани за советници, а еден од нив и бил избран за помошник-градоначалник на Шамац.

– Изборниот закон е јасен и тој вели дека лицето што ја отслужило казната затвор и нема некои други санкции, без разлика на тоа за што било осудено, може да биде кандидат – изјави доброинформиран извор за „Аваз“.

Во Законот за избори се предвидува забрана за кандидирање на општински функции ако лицето се наоѓа на издржување на казната или не се одзвало на наредбата да се јави пред некој од судовите поради повреда на хуманитарното право. Поради отслужувањето на две третини од казната (десет од вкупно 15 години) Абдиќ се наоѓа на слобода и не постои пречка за неговата кандидатура.
fikret abdic 1
Жупанискиот суд во Карловац го осуди Абдиќ на 20 години затвор, а Врховниот суд на Хрватска ја намали на 15 години затвор. Тој бил прогласен и за виновен за воспоставување автономна покраина западна Босна, спротивно на Уставот на БиХ, затоа што како командант на т.н. Народна одбрана, бил одговорен за отворање на логорот и прифатните центри во кои поминале 5.000 луѓе.

Веста за неговото кандидирање за градоначалник на претстојните локални избори предизвика револт кај поранешните борци, кои биле против политиката на Абдиќ, како и кај преживеаните логораши. Медиумите предвидуваат негова можна победа на изборите поради големиот број приврзаници.

– Најверојатно на воениот злосторник му е дадена можност да нѐ убие во мир со пенкало, ако не му успеа да го направи тоа со пушка. Ние поранешните логораши ќе се иселиме од Кладуша. Доколку ова е правна држава таа би забранила кандидатура на овие лица – вели Алија Фериз, претседател на Здружението на поранешните логораши во Велика Кладуша.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com