HomeДЕНЕШНАРепубликаУсловна затворска казна за одговорниот во ЈКП Тетово

Условна затворска казна за одговорниот во ЈКП Тетово

Условна затворска казна од три месеци за одговорното лице на Јавното комунално претпријатие Тетово, одреди Основниот суд Тетово, откако минатиот месец Јавното обвинителство против ЈКП Тетово поднесе кривична пријава за загрозување на животната средина и на природата со отпад. Претпријатието се товари дека отпадот го депонира на претоварната станица, која не работи според стандарди, пренесе Мета.

– Се работи за отворен тип на претоварна станица, каде се одложува комуналниот отпад од градот и од приградските населби, а каде не постои никаква заштита од непријатниот мирис, прашина, расфрлување на отпадот под дејство на атмосферско влијание, ветар или слично, ниту, пак, постои заштита од наезда на глодари, животни скитници и од птици – стоеше во обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Тетово.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово не сакаат да се произнесат со свој став во врска со условната затворска казна за делото, кое, според пресудата, не смеат да го повторат во рок од една година. Оттаму минатиот месец изјавија дека работат на решавање на проблемот со претоварната станица.

– Обезбедени се средства за изградба на затворен објект за претовар на комуналниот отпад. Објектот ќе биде по сите стандарди. Се чека Општина Тетово да најде локација каде ќе се гради станицата, која освен за одложување на сметот, ќе се користи и за рециклирање – изјави директорот на ЈКП Тетово, Џелал Цека.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com