HomeДЕНЕШНАСветУбиени петмина мировници на ОН во Мали

Убиени петмина мировници на ОН во Мали

Во напад врз мисија на ОН во Мали се убиени петмина војници на Того, соопшти Светската организација. Како што пренесува ДПА, при нападот потешко е повреден уште еден мировник на ОН. Нападот се случил вчера во местото Севаре во централен Мали, близу историскиот град Мопти, кој пред избувнувањето на немирите во 2012, беше атрактивен туристички центар. Никој се уште не презеде одговорност за нападот.

Специјалниот претставник на ОН за Мали, Махамат Салех Анадиф најостро го осуди нападот. Во 2012 година, територијата на северен Мали падна во рацете на исламистичките бунтовници, кои на почетокот на 2013 година беа потисанти од силите на поранешната колонијална метропола на овие простори Франција. Сепак, и денес има остатоци од овие исламистички групи, кои се уште вршат повремени терористички напади.

Вчерашниот напад се случува 10 дена откако петмина мировници на ОН од Чад беа убиени, а тројца ранети, кога во областа Кидал, нивниот конвој возила наиде на нагазна мина, по што падна во заседа на бунтовниците кои отвориле оган врз војниците.

Мисијата на ОН во Мали (МИНУСМА) се состои од приближно 11.800 војници и полицајци. Во последните три години во оваа западноафриканска држава се убиени повеќе од 75 мировници на ОН.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com