HomeДЕНЕШНАРепубликаТрансродово лице на кое му бил забранет влез во базен доби обештетување

Трансродово лице на кое му бил забранет влез во базен доби обештетување

Во месечниот извештај за јуни, Хелсиншкиот комитет за човекови права укажува дека Комисијата за заштита од дискриминација на 10.06.2016 донела мислење со кое утврдува дискриминација врз основа на родов идентитет: „Се работи за случај кога на едно трансродово лице му бил забранет влез во објект кој дава јавни услуги – базен, односно му бил ограничен пристап до услуги врз основа на неговиот родов идентитет.“

Хелсиншкиот Комитет за човекови права бил застапник на жртвата која поднела претставка до Комисијата за заштита од дискриминација со која било побарано да се утврди дискриминација врз основа на родов идентитет: „Иако во мислењето на Комисијата се дефинира дека дискриминацијата е врз основа на пол, во самото образложение се констатира дека родовиот идентитет на жртвата бил клучниот фактор поради кој на лицето му бил забранет влезот. Комисијата во мислењето исто така му посочи на дискриминаторот да и надомести штета на жртвата во рок до 30 дена.“

Хелсиншкиот Комитет информира дека жртвата како оштетена и дискриминаторот како причинителот на штета се спогодиле вонсудски да го решат настанатиот спор: „За таа цел тие склучија спогодба за надомест на штета во која дискриминаторот ја призна својата вина за настанот и со која двете страни се спогодија за висината на сумата на надоместот како и за условите за нејзино исплаќање. Оваа спогодба е првата потпишана вонсудска спогодба за надомест на штета поради дискриминација врз основа на родов идентитет.“

Хелсиншкиот комитет смета дека овој случај претставува „голем чекор напред во борбата против дискриминација и треба да биде поттик и охрабрување за сите оние кои биле или во иднина ќе бидат жртви на дискриминација да го пријават прекршувањето на нивните права“.

Хелсиншкиот комитет го поздравува донесеното Мислење на Комисијата и упатува апел до нејзините членови „во иднина да продолжат во оваа насока како во рамки на своите надлежности ефикасно би ги заштитиле подеднакво сите граѓани“.

Извор: Слободна

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com