HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО во септември ќе се изјасни за случајот „Шпион“

СЈО во септември ќе се изјасни за случајот „Шпион“

Јавната седница во Апелацискиот суд за случајот „Шпион“, на која денеска требаше да се разгледуваат жалбите на обвинетите, повторно беше одложена. Судијката Љиљана Ивaновска-Шопова, која претседава со Советот, денеска, како што пренесува Академик, прочитала известување од Специјалното јавно обвинителство, кое ја презеде надлежноста врз предметот, во кое било наведено дека тие се подготвени да се произнесат за предметот, но оти им е потребно дополнително време, поради што побарале одложување на јавната седница.

Од СЈО, пренесува порталот, појасниле дека по деталното разгледување на предметот, кој бил многу обемен, ќе се произнесат како ќе постапуваат, но засега, во оваа фаза од постапката, не можат да јавно да потврдат дали ќе ги прифатат или ќе ги отфрлат наводите на одбраната на обвинетите.

Како што е најавено, СЈО за случајот ќе се изјасни на 1 септември.

Адвокатите на обвинетите излегле со очекување дека СЈО ќе ја согледа фактичката состојба бидејќи се уверени дека за најголем дел од лицата осудени во случајот не постојaт докази за делата кои им се ставаат на товар.

„Се тврди дека обвинетите биле припадници на странски разузнавачки служби и дека работеле за нив, но никаде не се наведува кој, кога и кои информации ги пренесувал, така што предметот е паушален. Мислам дека вистинската дискусија околу предметот ќе се отвори кога ќе се произнесе СЈО“, изјавил адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Еленко Миланов, адвокатот на Марјан Ефремов, првообвинет во предметот, вели дека во предметот има многу суштествени повреди на Кривичниот законик и очекува дека СЈО ќе ги согледа тие повреди.

Првообвинет во случајот „Шпион“ е поранешниот разузнавач Марјан Ефремов, кој е осуден на 15 години затвор за шпионажа, кој според обвинението бил „мозокот“ на групата која прибирала информации за странски разузнавачки служби.

Покрај него, обвинети и осудени се и поранешниот директор на Дирекцијата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, поранешниот полициски генерал Горан Стојков, двајца разузнавачи активни во времето на акцијата „Шпион“, како и Марјан Маџовски, поранешен шеф на кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељанoски.

Деветнаесеттeмина обвинети во случајот „Шпион“ се осудени на затворски казни од вкупно 73 години.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com