HomeДЕНЕШНАСветСрѓан Керим не учествуваше на ТВ дебатата за генерален секретар на ОН

Срѓан Керим не учествуваше на ТВ дебатата за генерален секретар на ОН

Кандидатот на Македонија за генерален секретар на Обединетите нации, Срѓан Керим, како и кандидатот од Словачка, Мирослав Лајчек, не учествуваа на историската дебата во живо во ОН, на која десетте од 12 кандидати ги презентираа своите кандидатури и одговараа на прашања од земјите членки на ОН за клучните глобални прашања.

Дебатата, која синоќа ја пренесуваше телевизиската мрежа „Ал Џезира“ ѝ овозможи на светската јавност да се запознае со лицата што се кандидираат за челната функција на организацијата и да ги слушне нивните објаснувања зошто токму тие се најсоодветни за позицијата. Досега, петте постојани членки на ОН, САД, Кина, Русија, Франција и Британија, зад затворени врати го избираа генералниот секретар, без јавни дебати.

Телевизиската мрежа „Ал Џезира“ вршеше директен пренос од дебатата која се одвиваше во салата на Генералното собрание. Дебатата траела околу два и пол часа, а кандидатите биле поделени во две групи од пет лица. Во првата панел-дискусија учествуваа поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш, шефот на аргентинската дипломатија Сусана Малкора, како и поранешните министри за надворешни работи на Молдавија, Србија и на Хрватска, Наталија Герман, Вук Јеремиќ и Весна Пусиќ.

Во втората панел-дискусија дебатираа генералната директорка на УНЕСКО и кандидатка на Бугарија за генерален секретар на ОН, Ирина Бокова, поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк, која ја раководи Програмата за развој на ОН, шефот на црногорската дипломатија Игор Лукшиќ, поранешниот претседател на Словенија, Данило Тирк, и кандидатката од Коста Рика, Кристиана Фигерес.

Претендентите за челната позиција на ОН освен што ги презентираа своите приоритети, даваа и ставови за горчливи проблеми во ОН, за неопходноста од реформирање на организацијата, за решавањето на актуелните конфликти во светот, за ситуацијата на Блискиот Исток и во Јужен Судан, справувањето со климатските промени, но и за контроверзни прашања, како обвинувањата дека миротворците вршеле сексуално малтретирање.

Советот за безбедност на ОН следната недела ќе го почне тајното гласање, а избраниот кандидат потоа ќе му биде препорачан на Генералното собрание на ОН.

Мета

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com