HomeДЕНЕШНАРепубликаСлучајот „Макпетрол“ – повод за нова конфронтација меѓу Владата и ЕЕЗ?

Случајот „Макпетрол“ – повод за нова конфронтација меѓу Владата и ЕЕЗ?

Неколкуте владини институции до кои Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) со седиште во Виена, испрати писмо со барање за одговори на отворените прашања околу обидот за преземање на „Макпетрол“, и натаму не комуницираат со ЕЕЗ. Иако рокот за одговор истече уште на 1 август, Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкуренцијата сè уште го игнорираат писмото од ЕЕЗ, пишува Плусинфо.мк

Што е Европската енергетска заедница и зошто таа е важна за Македонија?

Европската енергетска заедница е организација основана на иницијатива на Европската унија, чија цел е проширување на европските енергетски политики во Југоисточна Европа и Црноморскиот регион. Македонија е земја-потписничка на Договорот за основање на Заедницата и нејзина членка од основањето во 2005 година. Земјава беше и претседавач со Заедницата во 2010 година. ЕЕЗ во изминатите десетина години ги надгледуваше процесите на усогласување на енергетските закони со европските регулативи во сите земји во регионот. Европската комисија има постојано потпретседателско место во оваа организација. Секоја земја која има аспирации да стане членка на Европската унија, мора да работи заедно со ЕЕЗ, за да се обезбеди потполна усогласеност со европските директиви во важниот енергетски сектор. Непочитувањето на преземените обврски во ЕЕЗ може да повлече низа европски мерки и санкции против конкретната земја.

Владата и ЕЕЗ – долга историја на конфронтации

Владиното игнорирање на прашањата од Европската енергетска заедница околу обидот за преземање на „Макпетрол“ може да биде повод за уште една конфронтација меѓу актуелната власт и оваа организација, од која последиците ќе ги чувствуваат сите граѓани, сметаат експертите. Во изминатите десет години, во кои нашето енергетско законодавство мораше да се усогласува со европското, Владата повеќепати дојде во судир со Европската енергетска заедница околу клучни аспекти од енергетскиот сектор.

Во еден од овие случаи беше вмешан и „Макпетрол“ – во 2012 година Владата се обиде да и ја одземе лиценцата за транспорт на гас на компанијата ГА-МА (во која „Макпетрол“ и државата имаат по 50% од акциите) и да и ја додели на новоформираната државна компанија „Македонски енергетски ресурси“. Овој потег на власта тогаш беше директно спречен од Европската енергетска заедница, која реагираше на обидот на ГА-МА да и се одземе постоечката гасоводна мрежа.

Во 2009 година, пак, кога се носеа измените во Законот за енергетика, ЕЕЗ беше вклучена во процесот и повеќепати интеревенираше и спречи донесување на одредби кои се спротивни на европските енергетски регулативи.

Последните реакции од Заедницата на владините енергетски политики дојдоа во април минатата година, кога директорот на Секретаријатот на ЕЕЗ, Јанез Копач, упати остри критики до Владата за процесот на либерализација на енергетскиот пазар во земјава.

– Одлуката на Македонија да го одложи целосното отворање на пазарот на електрична енергија, а со тоа да ги спречи потрошувачите да си го изберат снабдувачот, е уште една манифестација на владината смислена политика на систематско одбивање да ги прифати обврските на земјата кои произлегуваат од Договорот за Европска енергетска заедница, а со тоа и на европските закони. Проблемите во енергетскиот сектор се огледало на другите проблеми во земјата – растечкото политизирање на државните институции и драматично влошената политичка ситуација. Сведоци сме на растечка изолација на земјата од меѓународната заедница – изјави Јанез Копач во април лани.

Какви би биле последиците од нарушувањето на односите со ЕЕЗ?

Случајот „Макпетрол“ и важноста на оваа компанија за пазарот на нафтени деривати во земјава, но и во регионот, според експертите, ќе биде клучен во односите меѓу Македонија и Европската енергетска заедница во следниот период. Ова го потврдуваат и од ЕЕЗ, од каде потенцираат дека владата ќе мора да одговори на отворените прашања.

– „Макпетрол“ е важен играч на пазарот со гас и горива во Република Македонија. Тоа значи дека безбедноста на снабдувањето е потенцијално загрозена поради ваквото преземање, а сигурноста во снабдувањето е нешто за што Енергетската заедница мора да се грижи. Мора да знаеме од каде доаѓа таа компанија, што работи и кој стои зад таа компанија. Се разбира, колку помалку знаеме за тоа, поголеми се сомнежите дека нешто се крие – изјави вчера во разговор за Телма, Дирк Бушле, потпретседател на Секретаријатот на европската енергетска заедница.

Во секој случај, последиците од владиното игнорирање на ЕЕЗ би ги почувствувале сите граѓани. Во 2014 година, ЕЕЗ изрече санкции кон Босна и Херцеговина – на една година ја запре финансиската помош од десетици милиони евра за повеќе енергетски проекти, поради непочитување на обврските на земјата од Договорот за пристапување. Можните долгорочни последици од непочитувањето на обврските кон ЕЕЗ, пак, се уште посериозни, затоа што игнорирањето на овие обврски може да ги загрози европските перспективи на Македонија, сметаат експертите.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com