HomeДЕНЕШНАСветСловачка од утре за прв пат ќе претседава со ЕУ

Словачка од утре за прв пат ќе претседава со ЕУ

Шестмесечното ротирачко претседателство во Советот на Европската унија од утре ќе биде рацете на Словачка, која го презема кормилото од Холандија.

-„Ова ќе се случи по нашето 12-годишно членство во Унијата, и тоа во период кога таа се соочува најверојатно со најголемите предизвици и несигурности во својата скоро 60-годишна историја. Врз словачкото претседателство најмногу ќе влијае Брегзит, но исто така продолжувањето на бегалската криза, феноменот на тероризам, но и континуираната недоверба на европската јавност кон бриселските институции“, изјави словачкиот амбасадор во Македонија, Мартин Безак, пренесува МИА.

-„Словачка, како „лице на ЕУ“ во наредните шест месеци – лицето што креативно се рефлектира и во логото на нашето претседателство – има амбиција да стане чесен посредник во дијалогот и градител на мостовите внатре меѓу Советот на ЕУ, Европската комисија и Европскиот парламент, но и надвор од Унијата. Ќе настојуваме максимално да ги реализираме приоритетите на нашето претседателство“, рече Безак.

Во однос на Македонија и Балканот, според него, особено се значајни два приоритета: прво – одржлива миграциска политика и политика на азил и второ – кредибилна политика за проширување.

– „Ефектите на словачкото претседателство во голема мера ќе зависат од развојот што ќе се постигне тука, во оваа држава и нејзините институции. Објективно, словачкото претседателство не може да ја реши овдешната политичка криза, ниту пак билатералниот спор помеѓу Скопје и Атина. Но, словачкото претседателство може да претставува „лице и глас“ на Вашата земја во ЕУ во напорите да се придвижи од мртва точка. Словачкото претседателство би сакало на седницата на Европскиот совет во декември оваа година да постигне успех во насока на деблокирање на интеграцискиот процес. Успех сличен на оној на финското претседателство во декември 1999 година кога беше деблокирана интеграцијата на Словачка која тогаш ја доби поканата за започнување на пристапните преговори“, рече словачкиот амбасадор.

Според холандскиот амбасадор Валтер Пломп холандското заседавање кое што завршува денеска и покрај постигнатите резултати во однос на миграциската криза со договорот со Турција и напорите за борба против тероризмот сепак, вели, ќе биде запаметено по резултатите од Брегзит.

-„Сепак, и покрај сево ова, нашето претседателство може да остане запаметено по одлуката на граѓаните на Обединетото Кралство да ја напуштат Европската унија. Како што рече и холандскиот заменик-претседател на Европската комисија Франс Тимерманс „мораме да бидеме сосема искрени самите со себе кога разговараме за понатамошните чекори и мора да се издигнеме над нашите разлики и да го извлечеме најдоброто од сегашната состојба“, рече Пломп.

Во однос на проширувањето тоа останува да зависи од практичната примена на принципите на демократијата и владеењето на правото. Во контекстот на Македонија ја повтори пораката на Европската комисија на високиот претставник за заедничка надворешна политика и безбедност Фредерика Могерини дадена минатата недела во која се изразува надеж дека македонските политичари ќе најдат решение за политичката криза во наредните неколку недели.

 

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com