HomeДЕНЕШНАРепубликаСиндикатот на УПОЗ реагира на кратењето на платите за време на штрајк

Синдикатот на УПОЗ реагира на кратењето на платите за време на штрајк

Синдикатот на УПОЗ денеска оцени дека кратењето на платите на вработените во судската администрација за време на штрајк, без да добијат поединечни решенија со право на жалба е противуставно и противзаконски.

Реакцијата на Синдикатот на УПОЗ ја пренесуваме во целост:

„Боже прости им не знаат што прават“.

„Вака Синдикатот на УПОЗ би ги окарактеризирал известувањата на Судскиот буџетски совет од 30.06.2016 година и 06.07.2016 година.

Судскиот буџетски совет на 30.06.2016 година, до судовите достави известување со кое сите вработени во судската администрација кои штрајкуваат треба да добијат 60% од платата за месеците мај и јуни. За ова кратење на платата на штрајкувачите требаше да им бидат доставени поединечни решенија со право на жалба и овие решенија ќе можеа да се реализираат кога ќе станеа правосилни и извршни.

На 06.07.2016 година, Судскиот буџетски совет доставува ново известување со кое се повлекува известувањето од 30.06.2016 година и сега наместо поединечни решенија како што е предвидено со законот, претседателите на судовите треба со наредба до благајната односно сметководството најдоцна до 08.07.2016 година, да изготват нова пресметка на плата и на сите вработените кои штрајкуваат да им исплатат плата во висина од 60%.

Ваквиот начин на кратење на платата без штрајкувачите да добијат поединечни решенија со право на жалба е против уставно и против законско.

Наредбата не е и не може да биде над Законот и Уставот, а новата пресметка на платите не може да биде завршена до 08.07.2016 година, кога во предвид ќе се земе дека голем број вработени во судовите во месец јуни го користеа и стариот годишен одмор, а некои беа на боледување.

Во текот на денот Синдикатот на УПОЗ и ЗСА за ова ќе ги известат Народниот правобранител, а ќе побараат и заштита од државниот инспекторат на труд.

Би сакале да го прашаме Судскиот буџетски совет, ако е толку принципиелен во спроведување на Законот за судска служба, зошто согласно членовите 79 и 80 од тој Закон наместо да казнува, не предвиде средства за стручно усовршување и обука за судските службеници? Зошто не го почитува законот за работни односи и Законот за судска служба во делот на штрајкот.

Но кога се во прашање казни, тие се подготвени да го прекршат секој Закон па дури и Уставот со цел да се скрши отпорот на штрајкувачите и штрајкот едноставно да се прекине со закани и притисоци.

Напротив, со ваквите насилнички методи тие уште повеќе ги прават штрајкувачите единствени да истраат во остварувањето на правото кои им е ускратено. И натаму надлежните, наместо преговори со Синдикатот се определуваат со закани и притисоци, што не беше случај првите десетина дена, да го решат штрајкот“, се вели во соопштението на Синдикатот.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com