HomeДЕНЕШНАПолитикаСе чека вториот обемен извештај на СЈО, ново рочиште и за „Пуч“

Се чека вториот обемен извештај на СЈО, ново рочиште и за „Пуч“

Специјалното јавно обвинителство најави засилени активности во текот на следната недела кога ќе го презентира новиот шестмесечен извештај од нивното работење. Исто така треба да закаже и рочиште во Кривичниот суд во Скопје за предметот „Пуч“

Во врска со судењето за „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, последното рочиште се одржа на 2 март.

Специјалната обвинителка тогаш бараше одложување на расправата бидејќи, како што рече, на судењата не доаѓа сведокот, кој е оштетен во случајот и дека од судот не им се доставени копиите од списите и електронските докази што им се потребни за да ги подготват воведните говори. Јанева не го кажа името на сведокот, но јасно е дека станува збор за поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Следното рочиште беше закажно за 3 мај, но тоа воопшто не се одржа бидејќи во меѓувреме се случи аболицијата на 56 политичари и нивни соработници, која на 12 април ја донесе, а потоа ја укина претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

На почетокот на јуни, по укинувањето на аболицијата, Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на СЈО и на обвинетите во „Пуч“ против одлуката на Кривичниот суд за запирање на процесот и донесе одлука судењето да продолжи. Апелацискиот суд претходно донесе одлука со која му наложи на Кривичниот суд да ѝ ги даде на Јанева копиите и доказите, но од првостепениот суд одговорија дека тие немаат обврска да ги дадат копиите и покрај одлуката на Апелација која, според нив, не е обврзувачка.

Извор: meta.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com