HomeДЕНЕШНАСветСе заканува ли распад на НАТО?

Се заканува ли распад на НАТО?

Изјавата на кандидатот на Републиканската партија за претседател на САД, Доналд Трамп дека Америка под негово водство веднаш не би скокнала на помош на НАТО, ако овој сојуз биде нападнат, предизвика низа реакции од актуелните и поранешните функционери.

Имено, на прашањето на „Њујорк Тајмс“ дали САД треба да и помогнат на членка на НАТО ако таа биде нападната од Русија, Трамп рече: „Ако тие ги исполнат своите обврски кон нас, одговорот е да”.

Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мик Мекконел за Си-Ен-Ен изјави дека „целосно се согласува” со изјавите на Трамп во врска со НАТО, но потенцира дека „НАТО е најважен воен сојуз во историјата на светот и дека сака да ги убеди сојузниците дека САД ќе одбранат секоја држава на Алијансата ако биде нападната”.

Пензионираниот адмирал и поранешен лидер на НАТО Џејмс Ставридис ги нарече изјавите дестабилизирачки и рече дека тие создаваат „длабока несигурност во срцата на сојузниците и го охрабруваат претседателот на Русија, Владимир Путин”.

– Не мислам дека НАТО спаѓа во иста категорија како Европската унија, изваи поранешниот американски амбасадор во НАТО, Курт Вокер.

Резултатот на една анкета покажува дека 53 отсто од Американците имаат позитивно мислење за кој било сојуз во кој се вклучени САД, а дури 73 отсто анкетирани сметаат дека е добро што постои НАТО на чело со САД.

За ЕУ, Американците имаат многу полошо мислење, но и најголемите противници на ЕУ, како што е британскиот политичар Најџел Фараџ изјавуваат дека и по Брегзитот „Велика Британија ќе остане клучен фактор во НАТО”.

Неодмерените изјави на Трамп најмногу ги загрижуваат државите кои се плашат од евентуална руска агресија како Естонија, Летонија, Литванија и Полска.

Имено, на изјавата на Трамп реагираше естонскиот претседател Томас Хендрик објаснувајќи колку Естонија придонесува за НАТО, вклучувајќи го и воениот ангажман во Авганистан. Потенцира и дека Естонија го исполнува препорачаното ниво на трошоците во одбраната, што е два отсто од БДП.

Трошоците на НАТО во Европа нагло пораснаа оваа година, но земјите членки сепак своите обврски ги исполнуваат, па така веројатно Курт Вокер е во право кој верува дека необичните изјави на Трамп за (не)опстанокот на НАТО сепак се дел од предизборната кампања во која зборува главно она што луѓето сакаат да го слушнат.

Генералниот секретар на НАТО. Јенс Столтенберг изјави во Вашингтон во април дека во Европа со децении се зборува за распад на Алијансата, а таа сепак преживува. По неуспехот на пучот во Турција, Владата на претседателот Ердоган уапси илјадници војници, офицери, судии и интелектуалци, со намера да ги искорени сите кои на кој било начин учествувале во превратот.

Од друга страна, американскиот државен секретар Џон Кери рече дека НАТО будно ги следи активностите на Ердоган и ќе реагира по потреба. Курт Вокер, пак смета дека е малку веројатно дека НАТО ќе ја исфрли Турција од членство, бидејќи за тоа нема предвиден механизам.

Во текот на Студената војна, кога воените влади на Грција и Португалија отворено ги кршеа демократските начела, НАТО само ги ограничи нивните активности, но немаше збор за исфрлување на тие држави од членството во Алијансата. Така е малку веројатно, велат експертите, дека НАТО ќе преземе сериозни мерки против Турција, без оглед на тоа што и да направи Ердоган. Турција е важна на НАТО поради клучната улога во борбата против ИД, ги прифаќа бегалците и го контролира руските маневри во стратешки важното Црно Море.

Индекс – Загреб, МИА

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com