HomeДЕНЕШНАСветСветските сили ќе ја снабдуваат либиската влада со оружје – ембаргото на ОН игнорирано

Светските сили ќе ја снабдуваат либиската влада со оружје – ембаргото на ОН игнорирано

Светските и регионални сили ќе ја снабдуваат либиската влада со оружје и ќе го игнорираат ембаргото на Обединетите нации. Ова денеска го изјавија шефовите на дипломатиите по средбата во австриската престолнина Виена.

Меѓународната заедница чии министри се собраа во Виена, во заедничката завршна изјава велат дека „во целост ќе ги поддржи напорите“ на новата либиска вала и дека е „подготвена да одговори на барањето на либиската влада околу обуката и опремувањето на претседателската гарда и дозволените сили“ за таа земја да може поуспешно да се бори против џихадистичката закана.

Декларацијата е потпишана од 25 национални делегации, меѓу нив САД, Русија, Саудиска Арабија, Кина, Египет, Тунис, Франција, Велика Британија , Германија и Италија. „Јакнењето на сигурноста и одбраната на земјата од тероризам мора да биде задачата на обединетите и силни национални безбедносни сили“, велат министрите за надворешни работи.

Ембаргото за оружје на Либија беше воведено во 2011 година.

Либија во моментов се смета како една од главните територии за експанзијата на Исламската држава во Северна Африка, којашто користејќи го хаосот во оваа земја по соборувањето на деценискиот либиски челник Моамер ел-Гадафи во 2011 година, се етаблираше на нејзината територија. Таа во моментов го контролира големиот град Сирт и голем дел од медитеранското крајбрежје. Американското и руското разузнавање проценуваат дека во Либија моментално има повеќе од шест илјади џихадисти, и дека Исламската држава откако започна да губи територии на Блискиот исток во прв ред во Сирија, ги префрла своите борци во Либија користејќи ја тамошната хаотична политичка ситуација.

Вакуумот во власта во Либија по револуцијата настана по создавањето на двете ривалски влади кон средината на 2014 година, што резултираше со постојана внатрешна нестабилност поради судирите за превласт на поранешните различни бунтовнички групи. Така се јави двовластието, од една страна избраниот на општите избори парламент кој заседаваше во источниот град Тобрук, а на другата происламскиот Генерален национален конгрес во чие седиште беше во главниот град Триполи.

Сегашната влада на националното единство, коешто го води Фајез ал-Саррај има седиште во Триполи и поддршка од меѓународната заедница. Ал-Саррај, исто така присуствуваше на состанокот во Виена.

„Прашањето е дали ќе се шири тероризмот, криумчарењето и нестабилноста во оваа земја во близина на Европа или новата влада ќе биде способна да ка врати стабилноста и смислата на националното единство. Во овој момент тоа сé уште е отворено прашање“, изјави за агенцијата DPA, шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Шрајнамер пред почетокот на виенската средба.

Макфакс

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com