HomeДЕНЕШНАСветСатиричната поема за Ердоган цензурирана на германската државна телевизија

Сатиричната поема за Ердоган цензурирана на германската државна телевизија

Германскиот јавен радиодифузен сервис Зе-Де-Еф објави извинување за објавената поема, која според телевизијата, ја преминала границата на сатирата и од својот веб сајт и Јутјуб каналот го повлече видеото на авторот кој чита навредливи стихови за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во поемата, која што ја чита германскиот сатиричар Јан Бемерман, во последното издание на вечерното шоу „Нео Магазин ројал“, турскиот претседател се споредува со Австриецот Јозеф Фрицл, кој 24 години ја држел затворена својата ќерка, со која има седум деца.

Текстот е презентиран како дел од комичен скеч во кој се зборува за разликата меѓу сатирата и навредата, при што Бемерман чита делови од поемата кои можат да бидат доживеани како навреда, а неговиот партнер укажува што од прочитаното не може да се каже на телевизија.

Видеото, што исчезна од официјалниот видео канал на Зе-Де-Еф, се уште, со превод на турски јазик може да се види на веб сајтот на весникот Билд. Во ова парче од видеото авторите се исмеваат со германските националисти, напаѓачи на автобусот со преплашени муслимански бегалци, кои минатиот месец за време на нападот скандираа „Ние сме луѓе“, порака која била актуелна за време на протестите против Источногерманската Влада, пред обединнувањето на двете Германии. Во видеото авторот на поемата е згрозен од нападот врз бегалците што се случи во местото Клаусниц, во близина на Дрезден.

Повлекувањето на ТВ поемата за Ердоган се случува во деновите кога турската Влада побара повлекување на музичкото видео, во кое се исмева претседателот на Турција од друг германски јавен телевизиски канал – АРД. Во тој случај германското министерство ја отфрли протестната нота на Анкара со одговор дека слободата на говор и изразување е неприкосновено право на граѓаните и дека спотот нема да биде повлечен.

Во интервју со американската новинарка Кристијан Аманпур за време на посетата на Вашингтон, Ердоган изјави дека тој нема проблем со скечот, туку со сатирата насочена кон претседател на држава, која резултира со навреди и клевети. Турскиот претседател во интервјуто вели дека го задржува правото да го тужи секој што со навреда кон него го навредува и целиот турски електорат кој го избрал за претседател.

Директорот на програма на Зе-Де-Еф, во изјава во врска со случајот, вели дека телевизијата им дава слобода на своите сатиричари но дека постојат граници кои во случајот се пречекорени.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com