HomeДЕНЕШНАЕкономијаПуштена во оптек „Владимирска“ кована пара за колекционери

Пуштена во оптек „Владимирска“ кована пара за колекционери

Народната банка на Република Македонија издаде и пушти во оптек кована пара за колекционерски цели „Владимирска“ од серијата „Икони на Пресвета Богородица“.

На аверсот, во централниот дел е претставен приказ од Благовештението, врз основа на фреска од македонската црква којашто се наоѓа во селото Старo Нагоричане (од 1313 до 1318 г.). Во горниот дел е прикажано името на издавачот на монетата – Република Македонија (на македонски јазик) и грбот на Република Македонија. Под грбот е прикажана годината на издавање на монетата – „2016“. Во долниот дел од аверсот е прикажана номиналната вредност – „100 денари“ и ознаката „Ag925“, како и тежината на монетата – „31,1 г“.
vladimirska avers
На реверсот, во централниот дел е прикажан портрет на Пресвета Богородица Владимирска, врз основа на делата на Строгановската школа за иконопис (Русија, крај на XVI век). Украсите околу централната слика, огледалната основа, ѕвездите на облеката и ореолите на Богородица и на детето Исус се позлатени. На долниот дел од монетата е претставен натписот „Владимирска“ на македонски јазик.
vladimirska revers
Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 31,1 г, чистота на среброто од 28,77 г и во форма на правоаголник со димензии 30 х 45 мм. Цената на кованата пара „Владимирска“ изнесува 3.800,00 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија. Дополнителни информации за кованите пари за колекционерски цели се објавени на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија на следнава врска: www.nbrm.mk/Ковани пари за колекционерски цели.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com