HomeДЕНЕШНАСветПутин го продолжи ембаргото за Западот до крајот на 2017 година

Путин го продолжи ембаргото за Западот до крајот на 2017 година

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го потпиша указот со кој за 1,5 година, до 31 декември 2017 година, се продолжува ембаргото на прехранбени производи од Запад, пренесоа светските агенции. Русија во 2014 година го забрани увозот на храна од 28-члената Европска Унија, САД, Канада, Австралија и Норвешка како одговор на западните санкции против Москва заради нејзината улога во украинската криза.

Во документот се посочува дека од 6 август 2016 година дејствието на одделните специјални економски мерки, преземени уште на 6 август 2014 година, се продолжуваат до 31 декември 2017 година, прецизира ТАСС. Указот влегува во сила на денот на неговото потпишување. Рускиот премиер Дмитриј Медведев во мај нареди да се подготви текст, што предвидува продолжување на ембаргото на храна до крајот на 2017 година. На крајот на мај вицепремиерот Аркадиј Дворкович изјави дека предлозите веќе се подготвени.

На 6 август 2014 година Путин го потпиша указот за прифаќање на одделни специјални економски мерки, кои имаа за цел да ја осигураат безбедноста на Руската федерација како одговор на западните санкции и за поддршка на локалните производители. Веќе следниот ден руската Влада воведе едногодишна забрана за увоз на говедско, свинско и пилешко месо, овошје и зеленчук, риба, сирење, млеко и млечни производи од САД, ЕУ, Канада, Австралија и Норвешка.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com