HomeДЕНЕШНАПолитикаПрофесорски пленум бара прашања од надлежните за упадот на Економски

Професорски пленум бара прашања од надлежните за упадот на Економски

Во име на чесните трагачи по знаењето, почитувачите на науката и делото ги замолуваме сите студенти кои сега или во минатото биле евентуално жртви или оштетени по вакви или слични наводи, да го прифатат нашето извинување што не сме успеале да согледаме постоење на такви случаи и не сме успеале да се избориме против нивното случување, се вели во соопштението на Професорски пленум и остро се осудува упадот во автономијата на Универзитетот. Ви ја пренесуваме во целост реакцијата:

1. Во врска со индицираните можни коруптивни шеми Професорскиот пленум остро ја осудува и самата помисла некој да се осмели да ја злоупотреби својата професорска позиција и со коруптивни активности да ги уценува и оштетува студентите. Универзитетите постојат заради студентите. Помислата дека некој од нашите колеги би можел да побарува дури и сексуални услуги за да впише оценка на студент нѐ згрозува сите нас. Од овие причини:

– Најпрво ги охрабруваме сите студенти да не подлегнуваат на никакви притисоци од каде и да доаѓаат и да се борат за своите права на чесно и гордо совладување на обврските од своето школување, затоа што освојувањето на знаењето и почитта меѓу колегите се едни од највисоките вредности кои се стекнуваат на еден универзитет. Ние како професори се трудиме оценките да бидат реални, но ниедна оценка не може целосно да го отслика вашето внатрешно знаење и самопочит кое ќе го стекнете кога ќе завршите. Не смеете да дозволите тоа никој да ви го загрози или одземе.

– Во име на чесните трагачи по знаењето, почитувачите на науката и делото ги замолуваме сите студенти кои сега или во минатото биле евентуално жртви или оштетени по вакви или слични наводи, да го прифатат нашето извинување што не сме успеале да согледаме постоење на такви случаи и не сме успеале да се избориме против нивното случување. Ве замолуваме за помош, затоа што со ваша помош побрзо и полесно ќе можеме да покренеме иницијатива еднаш за секогаш да се сузбијат таквите појави, ако ги имало. Ве молиме тоа да го пријавите до сите релевантни институции, до оние кои ви се најблиски или за кои сметате дека се најсоодветни, почнувајќи од консултација со вашите колеги во студентските организации коишто може да ве информираат како да се справите со вакви случаи, да се обратите до студентскиот правобранител кој затоа постои, да се обратите до управните органи на вашите факултети или ректорати коишто можат да преземат заштитни и други мерки и да ги спречат настаните уште пред воопшто да се случат. Има многу инстанци кои можат да помогнат, ако еден студент смета дека е оштетен.

– Ги потсетуваме сите студенти и целата јавност, дека секој студент кој се смета за оштетен од резултатите на некој испит има и формално право на жалба пред деканот на неговиот факултет, за тој да побара ревизија на оценката од професорот, а ако тоа не се случи, да организира специјален комисиски испит за студентот во кој нема да учествуваат професорите кои биле предмет на жалбата. Ваквата мерка е предвидена со цел другите наставници во комисијата да го спроведат испитот објективно и студентот да биде оценет соодветно на неговото знаење и е можност за покренување дисциплинска постапка против професорот кој бил предмет на жалбата. Знаејќи го сето ова, ние сме зачудени како воопшто можело да се случи да дојде до таква ситуација професор да изнудува нешто од студентите за да положат. Како е возможно студентите да се неинформирани за своите права, па наместо да потегнат релативно едноставна институционална постапка, со која имаат можност да го заобиколат професорот без воопшто да разговараат со него и гордо и чесно да си ја освојат оценката во дополнително организираниот комисиски испит, тие да станат жртви на злоупотреба. Затоа:

– Бараме сите надлежни државни институции веднаш да преземат чекори кон утврдување на реалноста на наводите и објавување на сите детали за индицираната коруптивна шема. Доколку низ соодветно спроведена постапка утврдат дека навистина имало случаи на коруптивно и криминално однесување, да обезбедат функционирање на правото и да ги изведат сторителите пред надлежните судови, почитувајќи ја презумпцијата на невиност и почитувајќи ја автономијата на универзитетот. Во досегашните соопштенија не беше доволно јасно искажано дали осомничените професори ги уценувале своите студенти за да им дадат оцена, дури и кога тие објективно ја заслужиле, или студентите им нуделе финансии и услуги на професорите, за да добијат оценка без никакви знаења. Бараме правдата да не биде селективна, да се спроведе кон сите инволвирани и да биде објективна. Притоа бараме целосна транспарентност на постапката, затоа што универзитетите се по природа јавни и на нив ништо не смее да се крие. Секое криење информации раѓа сомнеж кон правичноста на постапките.

– Бараме од сите ректори на сите универзитети во Република Македонија да отпочнат една заеднички координирана, но интерна постапка на секој универзитет, за реална анализа која ќе ја утврди инциденцијата на ваквите случаи и ќе предложи евентуални мерки за превенција на појавата и интерни дисциплински постапки против евентуалните сторители и на страната на професорите и на страната на студентите, доколку се утврди дека се случувале вакви појави.

2. Во врска со противуставниот и противзаконски упад од полициските сили на просторот на засегнатиот универзитет, сметаме дека криминалот е криминал и дека за него не смее да има толеранција. Анархија не може да се толерира ниту на автономен универзитет, но не може да се толерира ниту во државни органи. Ако постои селективност, ќе мора да сметаме дека и самите државни органи се корумпирани и криминализирани. Затоа, Професорскиот пленум најостро го осудува најновиот упад во автономијата на универзитетите во Република Македонија од страна на актуелните властодршци. Спектакуларниот чин на целодневна драма со маскирани и до заби вооружени припадници на специјални полициски сили на главниот универзитетски кампус во Скопје не може да се толкува инаку, освен како закана и застрашување. На овие закани реагираме со индигнација од позиција на професионален дигнитет, не само во име на нашата професија, туку и во име на сите слободни граѓани на оваа земја. Ова не е прв, ниту најсериозен удар против автономијата на универзитетите во Македонија.

Во изминативе години не прекинува притисокот за потчинување и контролирање на независноста на универзитетите. Универзитетската автономија постојано се нагризува со законски и подзаконски уредувачки акти и одредби и оваа ерозија се однесува на сите аспекти на автономијата. Професорскиот пленум силно се противи не само на нарушувањето на автономијата од страна на МВР, туку и на несоодветното реагирање на универзитетската управа. Професорскиот пленум не може без искрен сомнеж да праша какви тоа опасни вооружени банди шетаат по Универзитетскиот кампус на УКИМ, за да има потреба од ангажирање на специјалните единици кои упаѓаат на универзитетската територија, со што е прекршен Член 14 од Законот за високо образование.

Професорскиот Пленум силно се противи на несразмерната и прекумерна употреба на милитаризирани полициски сили кои имаат за цел да ја заплашат академската и целокупната македонска јавност, притоа прекршувајќи и низа членови од Законот за полиција. Начинот на кој оваа полициска парада беше изведена има јасна цел, понатамошно дис- кредитирање на независната мисла во оваа земја, во што свој удел има и универзитетската управа која се обидува да се изземе од одговорност заради сопствена нерешителност и очигледна некомпетентост. Професорскиот пленум бара одговорност од сите инволвирани и порачува дека секогаш ќе ја застапува и брани универзитетската автономија на која почива општествениот напредок. Професорскиот пленум ги охрабрува и поддржува истражните постапки за утврдување на коруптивни и лукративни кривични дела, но изразува сомнеж за мотивите и основите на целата постапка, токму заради невкусниот полициски упад на автономната територија. Делата за кои се води истражна постапка со ништо не укажуваат и не предвидуваат такво парадирање на симболичко и фактичко насилство.

Професорскиот пленум укажува дека академската заедница никогаш нема да се преплаши и понижи, за да заборави на неопходноста да се здружи и да се брани. Секогаш кога расте притисокот, расте и отпорот. Професорскиот пленум секогаш ќе зборува гласно и јасно во заштита на академската независност и ќе ја брани целосната одвоеност на високо образовната дејност од партиските и дневно-политичките интереси.

Професорскиот пленум бара од Обвинителството и МВР да истапат со децидни и прецизни одговори за сите наводи и неразјаснети прашања, особено за следниве аспекти:
– Прецизни и детални објасненија за тоа зошто постапката била на начинот на кој што била, кој издал наредба за таков начин и зошто тоа го направил?
– Колку единици биле испратени и на кои сѐ адреси, бидејќи имаме добиено информации дека имало единици и на други факултети, за што не беше ништо соопштено, ниту пак има индиции дека таму имало кривично дело во тек?
– Кој ќе биде виновен ако од обвинителството или МВР протекле информациите во медиумите, особено ако протекле преуранети информации кои потенцијално можат да овозможат криење докази или да ги омаловажуваат луѓето кои се осомничени, но не и докажано виновни?
– Дали ќе покренат внатрешна истрага во обвинителството и во МВР за протекување информации?
– Дали ќе покренат внатрешна истрага во обвинителството и во МВР за издадена наредба со која е предвидена прекумерна употреба на сила?
– Колку чинеше целата акција и дали постоеше начин да се спроведе од само неколку службеници во цивилна облека, без ангажирање на специјални единици?
– Ако имало индиции за криминал и биле собирани докази подолг период, зошто дополнително се чекало, ставајќи на ризик да бидат оштетени поголем број лица?

Ако не добиеме одговори со детални информации на сите овие прашања, тогаш нужно ќе сметаме дека целата акција е тенденциозна како што се шпекулира во јавноста и нема за цел справување со реалните проблеми со злоупотреби за кои има индиции видливи во разни анкети спроведени кај студентите, туку дека е само злоупотреба на позиција на власт, за да се влее страв кај академската заедница и таа да биде замолчена за време на огромната институционална криза во државата, во која предмет на истрага се случувања во повеќе државни институции, и нивни сегашни или претходни раководства.

Професорскиот пленум ги повикува сè уште актуелните сенатори на УКИМ да побараат свикување вонредна седница на Сенатот на УКИМ, на која Ректорот Стојковски ќе ја информира академската заедница за тоа дали и како е испочитувана процедурата од страна на МВР по однос на законски гарантираната неповредливост на универзитетската територија и оправданоста на неговата одлука, доколку издал одобрение за ваквата акција.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com